Македонија и Чешка ја интензивираат економската соработка

Енергетиката, инфраструктурата, минералните суровини, туризмот и агро-индустријата се само дел од секторите преку кои Македонија и Чешка ќе ја интензивираат бизнис соработката.

Двете земји имаат одлични економски односи, но максималниот капацитет за нивно продлабочување се уште не е искористен, оценија денеска министерот за економија Ваљон Сарачини и неговиот чешки колега, министерот за индустрија и трговија Мартин Куба.

Според нив, ќе се работи и на зголемување на инвестициите каде, исто така, има простор за подобрување.

- Се надевам дека ова е само почеток на натамошната уште подобра трговска соработка која во иднина секако ќе ја продлабочиме. Таа е интензивирана и преку имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација што ја имаме потпишано со земјите членки на ЕУ, како и преку членството во Светската трговска организација, изјави Сарачини пред почетокот на македонско-чешкиот бизнис форум во Стопанската комора.

Куба, кој е дел од високата владина делегација што вчера допатува во официјална посета на Македонија, изрази убедување дека разговорите на министерско ниво значително ќе придонесат за подобрување на билатералните односи.

- Работа на ресорните министри е да овозможат повисоко ниво на економска соработка. Ако тоа не го постигнат, не си ја завршиле добро работата. Македонија и Чешка имаат долга историја на меѓусебно добри економски односи кои се особено продлабочени во последните години. Но, се уште не го достигнале полниот потенцијал. Основното прашање што денеска можеме да си го поставиме е, какви чекори треба да преземеме за негово максимално искористување, рече Куба.

Целта на неговото учество на бизнис форумот во Скопје, нагласи, не е само презентација на чешките фирми, туку и повик до македонските компании за искористување на можностите што ги нуди чешкиот пазар.

Министерот Куба ја потврди чешката поддршка за македонското евроинтегрирање и целосната подготвеност да помогне во преговорите.

Тој и Сарачини пред почетокот на форумот имаа билатерална средба на која, меѓу другото, биле презентирани македонските можности за инвестирање во делот на енергетиката, туризмот, земјоделството, минералните суровини, ИТ и градежништвото.

Двајцата министри догoвориле во последното тромесечје од годинава да се одржи седница на првиот Мешовит комитет кој произлегува од Договорот за слободна трговија меѓу Македонија и Чешка. Комитетот треба да ги разгледа можностите и да ги дефинира натамошните чекори за интензивирање на бизнис соработката.

Трговската размена меѓу Македонија и Чешка во првите два месеца од годинава достигна 18 милиони долари од кои четири милиони се извоз од македонска страна, а 14 милиони се увоз. Околу 67 отсто од вкупниот увоз отпаѓа на електричната енргија. Лани размената изнесуваше 83 милиони долари од кои 60 милиони увоз и 23 извоз.

Минатата година од вкупните инвестиции во земјава 0,2 отсто или 600 илјади евра биле чешки. Тоа, констатираа Сарачни и Куба, особено остава простор за уште поголема соработка.