Започнува реализацијата на проектот за реконструкција на 13 мостови долж Коридорот 10
Со донација од НАТО во износ од 8,6 милиони евра ќе биде извршена реконструкција на 13 мостови на потегот од Катланово до Велес. Санацијата на мостовите е предвидена со Меморандумот за разбирање за реализација на проектот за реконструкција на мостови долж Коридорот 10, што го потпишаа денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и началникот на Штабот на КФОР бригадир-генерал Рекс Спитлер.
Реконструкцијата на 13-те моста претставува трета фаза од проектот. Точниот обем на работите што ќе следат ќе биде дефиниран со изработка на основниот проект што треба да го подготви Градежниот факултет во наредните три месеци.
Министерот Јанакиески по потпишувањето на Меморандумот најави дека до септември годинава ќе биде распишан јавен повик на кој треба да се пријават градежни фирми за учество во проектот, а изборот на изведувачот треба да се направи до декември годинава. Градежните активности, според Јанакиески, би започнале напролет следната година, а би завршиле до крај на 2014 година.
Во претходните две фази од проектот со донација од НАТО од 22,5 милиони евра беа зајакнати 51 мост. Првата фаза се реализира во 2006 и 2007 година, а со неа беа опфатени мостови на делниците Катланово - Велес и Скопје - Блаце. Со втората фаза од крајот на 2007 и во текот на 2008 беа реконструирани мостови на делницата Демир Капија - Гевгелија. Мостовите што беа опфатени со проектот се со вкупна должина од четири километри.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Јанакиески најави дека во текот на денов со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски ќе се сретнат со претставници на вработените во „Македонија пат“ кои штрајкуваат пред Владата.