Координаторите на „Отворен Балкан“ на средба со Ескобар во Вашингтон: Поддршка за „Отворен Балкан“ и неговото проширување, иницијативата носи резултати за граѓаните и компаниите

Делегација на Владата на Северна Македонија составена од националните координатори Марјан Забрчанец и Нола Исмајлоска Старова и советникот на премиерот за надворешна политика Едмонд Адеми имаа работна средба во Вашингтон со Габриел Ескобар, заменик помошник на државниот секретар и специјален претставник за Западен Балкан на САД, во рамки на студиската посета во САД на регионалната координативна група на иницијативата „Отворен Балкан”.

На средбата, претставниците на „Отворен Балкан“ од Северна Македонија, Албанија и Србија со претставниците на Стејт департментот на САД разговараа за важноста на регионалното поврзување и на слободното движење на луѓе, капитал, добра и услуги. Тие уште еднаш ја потврдија отвореноста на иницијативата за приклучување на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово во иднина.

Претставниците на Стејт департментот изразија силна и недвосмислена поддршка за европската интеграција на целиот регион на Западен Балкан и особено за регионалната економска и политичка соработка како што е „Отворен Балкан“. Иницијативата „Отворен Балкан“ беше оценета како соработка која дава конкретни резултати, која е препознаена од граѓаните, компаниите и институциите и која е на линија со европските политики и регулативи.

Западен Балкан има недвосмислена европска иднина, земјите од регионот треба да станат членки на Унијата во разумен рок бидејќи со тоа ќе донесат нови можности за Европа, беше истакнато за време на состанокот.

Во рамки на студиската посета која е во организација на Атлантскиот совет од САД, претставниците на „Отворен Балкан“ од Северна Македонија, Албанија и Србија имаат средби и со претставници на Американскиот сенат, како и со претставници на меѓународните организации НЕД, НДИ и ИРИ.