Премиерот Димитар Ковачевски денеска, во Прилеп, изјави дека тој и тимот во Владата преземаат повеќе одговорни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните во време кога земјите од Европа се соочуваат со економските последици од здравствената и енергетската криза.
„Продолжуваме да субвенционираме дури 80% од висината на сметките за струја за домаќинствата, а со Програмата за енергетска сиромаштија, 6.500 домаќинства со ниски приходи ќе продолжат да добиваат дополнително намалени сметки за електрична енергија, како и 35.000 семејства, кои се исто така од ранливи категории“, подвлече Ковачевски, додавајќи дека се овозможи продолжување на Програмата за покривање на трошоците за енергија и огрев.
Ковачевски посочи дека во насока на обезбедување финансиска помош за најранливите категории граѓани, се и мерките за покачување на пензиите и покачувањето на најниските примања, кои опфаќаат 35.000 граѓани, во година која не е изборна и истакна дека во изминатите 20 години во државата, минималните плати и пензиите се зголемуваа само во изборни години.