Ковачевски: Инвестираме во современа патна инфраструктура

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид во изградба на експресен пат Градско–Прилеп, на втора фаза на потегот Фариш–Дреново. Изградбата на експресниот пат Градско–Прилеп е поделена на три делници: Првата делница е Градско-Дреново каде што исто така се одвиваат градежни работи, втората делница е Дреново–Фариш и третата делница е проширување на патна делница од Прилеп до мост на Ленишка Река и изградба на трета лента на патната делница од с. Беловодица до Каменолом Маврово, за што е во тек подготовка на тендерска постапка.

Од почетокот на мандатот, оваа Влада изгради и реконструираше над 1.000 км патишта. Со сите инвестиции, граѓаните патуваат полесно и побезбедно, а компаниите побрзо и поефикасно ги транспортираат своите производи и придонесуваат во економскиот развој на земјата.

Во продолжение ви ја праќаме изјавата на премиерот Ковачевски во целина.

„Почитувани граѓани,

Ми претставува големо задоволство што денеска имаме можност да видиме дека интензивно се одвиваат градежните активности за изградба на експресниот пат Градско–Прилеп, кој е еден од најзначајните патни правци во државата каде дневно поминуваат и над 6 илјади возила од сите категории.

Една од поважните меѓународни рути која што поминува низ земјата и го поврзува регионот со останатиот дел на Европа, е Коридорот 10 и токму затоа, денеска со министерот Бочварски и директорот на ЈПДП Рустеми, извршивме увид во градежните работи на делницата Дреново-Фариш.

 

 

За изградба на втората делница од Дреново до Фариш која е со должина од 10,2 км, издвоени се 33,6 милиони евра со поддршка на Европската банка за обнова и развој.

Изградбата на експресниот пат Градско–Прилеп е поделена на три делници: Првата делница е Градско-Дреново каде што исто така се одвиваат градежни работи. Втората делница е Дреново–Фариш каде што сме денеска на увид. Третата делница е проширување на патна делница од Прилеп до мост на Ленишка Река и изградба на трета лента на патната делница од с. Беловодица до Каменолом Маврово, за што е во тек подготовка на тендерска постапка.

Конкретно на оваа делница каде што сме во моментот, работите се очекува да завршат следната година. Верувам дека доколку се продолжи со вакво темпо оваа фаза ќе биде завршена и пред рок, што значи дека граѓаните коишто интензивно го користат овој патен правец ќе го скратат времето на патување, а ќе возат по сигурна и безбедна делница.

Инаку, на само десет километри растојание во овој појас се градат два тунели, 21 мост, 5 подвозници, 11 потпорни ѕидови, еден кружен тек  на локалниот пат со клучка кај Дреново и еден вијадукт, што говори за каков тешко пристапен терен станува збор.

Се наоѓаме пред еден од покарактеристичните објекти на трасата, а тоа е тунелот Фариш кој е лоциран на почетокот на Фаришката клисура и ова е најтешкиот дел од трасата. Тунелот на чие што пробивање во моментов се работи е составен од две цевки, и тоа лев тунел, во правец кон Прилеп со должина од 139 метри и десен тунел, кон Градско со должина од 159 метри.

Им честитам на компанијата изведувач „Синохидро“ и надзорот „Геинг“ кои и во услови на пандемија, здравствена и економска криза успеваат да го реализираат предвиденото.

Во овој наш регион продолжуваме со повеќе проекти. Еден од нив и многу значаен ќе биде изградбата на автопатот Прилеп–Битола кој треба да го гради Конзорциумот „Бехтел и Енка“. Впрочем овој експресен пат Градско-Прилеп ќе се надоврзе на автопатот Прилеп-Битола, а со рехабилитацијата на магистралниот пат Битола-граничен премин ќе се поврземе брзо и безбедно со Република Грција.  

Планирани и во тек се и неколку значајни рехабилитации на регионални патишта како што е рехабилитацијата на државниот пат Фаришка Клисура – Прилеп каде се отпочнати веќе работите, понатаму Битола-Демир Хисар, Крушево-Демир Хисар, Другово-Демир Хисар, Кривогаштани–Крушево и Велес – Градско.

Завршени се патните правци од Кажани до Ротино, од Кривогаштани до Житоше, од Долнени до Богомила, како и од Кавадарци до Дреново.

Почитувани,

Инвестициите во патната инфраструктура се еден од приоритетите на оваа Влада. Наша цел е Северна Македонија да продолжи да се гради и поврзува со квалитетна, безбедна и модерна патна инфраструктура. Од почетокот на мандатот, оваа Влада изгради и реконструираше над 1.000 км патишта. Со сите инвестиции, граѓаните патуваат полесно и побезбедно, а компаниите побрзо и поефикасно ги транспортираат своите производи и придонесуваат во економскиот развој на земјата.

Економската криза со која се соочуваме налага уште поголем фокус и побрза реализација на капиталните инвестиции. Добро е познато дека во криза најважно е да се вложува токму во инфраструктурата, бидејќи градежништвото е мотор на економијата. Затоа како Влада сме фокусирани за уште поголема ефикасност во реализација на инфраструктурните проекти.

Инфраструктурните капитални инвестиции помагаат да се одржи економската стабилност, да се обезбеди повисока продуктивност и вработувања, да се намалат производните и транспортните трошоци за компаниите и да се зголеми квалитетот на живот на граѓаните.

Анализите покажуваат дека ефикасноста на Владата во делот на реализација на капиталните инвестиции е одлична дури и во време на криза. Минатата година реализиравме 79% од капиталните инвестиции и со истото темпо продолжуваме и оваа година. Патиштата имаат значаен удел во овие инвестиции. До крајот на мандатот во 2024 година моја цел како премиер и на оваа Влада е да имаме модерни и безбедни патишта што ќе значат побрзо движење, но и силна и развиена економија.

Ви благодарам.“