Министерот Адеми и амбасадорите Орав, Бергант и Вахлунд се приклучија на кампањата „Македонија без отпад 2012“
Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми и амбасадорите на ЕУ Аиво Орав, на Словенија Ален Брајан Бергант и на Шведска, Ларс Вахлунд на месноста викана Теферич во општина Кисела Вода се приклучија во активностите за чистење отпад, во рамки на кампањата „Македонија без отпад 2012“.
Со оваа кампања Република Македонија се вклучува во светската акција за чистење на отпадот - Let’s do it! World 2012, која е и официјално поддржана од Европскиот Парламент.
Во рамки на овој проект, денеска се чисти во општините Кисела Вода, на локациите Оксиген во Драчево, Расадник, Пржино кај градинката „8 Март“, Теферич, 11 Октомври, долж пругата, особено кај игралиштето Вембли, во општина Сарај, Дојран, Штип, Струга, а утре ќе се чисти во општина Липково.
- Освен што сакаме да ја исчистиме Македонија од отпад, акцијата има за цел да ја подигне свеста кај граѓаните за животната средина. Без таа свест, сите акции и нашите активности, кои се основни за да имаме чиста животна средина, не можат да успеат, потенцира Адеми.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски и главен координатор на програмата изјави дека главната акција ќе биде на 6. октомври годинава и додаде оти во чистењето ќе се вклучат сите општини.
- Во моментов сме во Кисела Вода, на месноста Теферич. Утринава околу 1.000 луѓе се собравме на пунктот пред општината. Тука се „Комунална хигиена“, амбасадорите кои ни помагаат и извидниците: Акцијата се одвива од 9 до 14 часот, рече Темелковски.
- Ова е прв посериозен и посеопфатен чекор што го прави Македонија на овој пат, по примерот на многу земји. На овој начин сме дел од една светска акција - Исчисти го светот, заклучи пратеникот Лилјана Поповска.
Амбасадорот Орав изјави дека денешната акција е почеток на чистењето на Македонија. Овој проект, како што рече, почна пред неколку години во Естонија и се прошири во останатите земји на ЕУ.
- Овој настан има значење за подигнување на свеста кај граѓаните. Се надеваме дека во иднина оние кои ја загадуваат средината, нема да фрлаат отпадоци и оти веќе нема да има потреба да доаѓаме тука и да чистиме, рече Орав. Тој посочи дека поддржуваат многу проекти поврзани со животната средина, во износ од 55 милиони евра.
Амбасадорот Бергант потсети дека во Словенија досега двапати имале вакви акции. Годинава акцијата за чистење била спроведена на 24. март, се вклучиле 270 илјади Словенци, меѓу кои и претседателот, пратеници, војска, полиција, студенти...
Амбасадорот Вахлунд изрази надеж дека граѓаните ќе имаат поголема свест и оти повеќе нема да фрлаат отпадоци во природата.
Во денешната акција на Теферич чистеа вработените од повеќе министерства, агенции и дирекции, од Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“, се вклучија извидници, планинари... ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје се вклучи со 50 вработени и неколку возила, кои собраниот смет ќе го носат во депонијата Дрисла.