Јанакиески: Почитувани се законските прописи во врска со проектот Градска куќа
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавите за изградба на Градска куќа во центарот на Скопје, рече дека се почитувани законските прописи и е најден инвеститор и очекува многу брзо да почне со градба.
Тој појасни дека согласно ДУП т.н. Мал ринг кој го има усвоено Советот на Општина Центар на конкретната локација е предидено изградба на хотелски комплекс со прикладен објект Градска куќа. - Согласно тој ДУП, Министерството за трансорт и врски доби извод од план од Општината Центар и потоа ја побаравме имотно-правната состојба од Агенцијата за катастар на недвижности и согласно добиените податоци утврдивме дека таа локација е сопственост на Република Македонија и согласно Законот за градежно земјиште Министерството за транспорт и врски располага со градежно неизградено земјиште, истакна Јанакиески и додаде дека на крајот на минатата година е објавен јавен повик за пронаоѓање инвеститор за изградба на хотелски комплекс со тоа што ќе отстапи еден спрат на државата каде би била сместена Градската куќа и би имало простор за прием.
На јавниот повик, како што посочи, се јави една компанија која ги прифати условите на повикот и согласно договорот кој беше склучен со таа компанија имаше услов во рок од девет месеци да извади одобрение за градење, а рокот беше 10 април. Таа компанија ги исполни условите, достави фасадно обликување какво што баравме, слично какво што беше порано Офицерскиот дом, и достави проект кој беше одобрен од Општината односно ги плати комуналиите, извади одобрени за градење, рече министерот и додаде дека како Министерство за транспорт и врски мора да ги запазуваат сите законски прописи.
Доколку Советот на Општината Центар во иднина предвиди проект како што бара ИВЗ и доколку се откупи земјиштето од инвеститорите тогаш Министерството тоа ќе го почитува. - Ние како Министерство мораме да ги почитуваме законските прописи. Законските прописи и ДУП-от во моментов кажуваат дека таму треба да се гради хотел. Согласно Законот за градежно земјиште ние побаравме инвеститор, инвестирот се јави, склучен е договор, ги уплати средствата, достави банкарска гаранција, изработи проект, доби одобрение за градење така да согласно Уставот на РМ мора да се почитуваат сопственичките права. Доколку во иднина се зацрта таму друг објект, доколку инвеститорот сака да го откупи земјиштето тогаш стануваат други правни промети. Во конкретиов случај таму е предвидено хотел, најдовме инвеститор и очекувам многу брзо да отпочне со градба, изјави министерот за транспорт и врски.