Груевски: Нашата проекција за раст е малку повисока, но е блиску до таа на ММФ
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) даде проценка дека во ова турбулентно време на огромна европска должничка криза и рецесија во ЕУ, Македонија ќе има раст од 2 проценти. Тоа навидум не е многу голем раст, но кога ќе се спореди со сите други држави во регионот, излегува дека Македонија според проценката на ММФ ќе има најголем раст.
Ова е коментарот на премиерот Никола Груевски даден по барање на новинарите во врска со најновите оценки на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за економската состојба во регионот и во Еворпа.
- На прв поглед човек не може да биде задоволен од таков раст, но кога ќе се погледнат околностите и тоа дека Европа целосно е во рецесија, живееме во време на европска должничка криза и оти сите држави во регионот имаат пониски проекции, а најверојатно и пониски резултати од Република Македонија, тогаш од таков агол работите изгледаат поинаку. Ќе се потрудиме со сите наши мерки и активности што ги правиме и ќе продолжиме да ги правиме, да ја надминеме и оваа проекција. Нашата проекција е малку повисока, но е блиску до таа на ММФ, изјави Груевски по отпочнувањето на градежните работи за проширување и реконструкција на булеварот „Свети Климент Охридски“.
Според него, во ова турбулентно време на европска должничка криза кога многу од државите се спасуваат од страна на ЕУ со специјални пакети, земјите земаат заеми со историски невидени камати, а влади паѓаат заради тоа, има масовни отпуштања од јавната администрација, но и огромно зголемување на даноци, намалување на пензии....како што рече, во такво време, со сите антикризни и реформски мерки кои се превземени, Македонија ќе биде во безбедна зона.
- Една од клучните работи кои не заштитуваат во овој период е тоа што Владата во 2007 и 2008 година презема во тоа време стратешки чекор за предвремено раздолжување на земјата. Тоа беше време кога бевме критикувани за тоа од страна на опозицијата, меѓутоа тој чекор се покажа за еден од најстратешките, иако ние во тоа време не знаевме дека следува должничка криза, но верувавме дека предвременото раздолжување не може да биде во никој случај лошо, туку само добро за државата независно какви времиња ќе дојдат, рече Груевски.
Тој додаде оти предвременото раздолжување што во овие две години ја сведе Македонија на, подвлече, долг од блиску 40 отсто на 26 отсто од бруто домашниот производ, колку што е сега, беше еден од најстретешките чекори превземени од страна на Владата, кои денес имаат позитивен ефект.