Ќе се проширува и реконструира булеварот „Свети Климент Охридски“, на потегот од крстосницата со „Партизански одреди“
Во Скопје денеска почнаа градежните работи за проширување и реконструкција на булеварот Свети Климент Охридски, на потегот од крстосницата со булеварот партизански одреди до улицата Димитрија Туцовиќ, во должина од 380 метри.
Предвидено е булеварот да се прошири со по една коловозна лента од двете страни, кон средишното зеленило, со што ќе се добијат шест коловозни ленти, широки по 3,5 метри. Градежните работи ќе ги изведува „Гранит“.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски за овој проект ќе се инвестираат 30 милиони денари од буџетот на градот. Тој најави интензивна градежна сезона, во рамки на која ќе бидат реконструирани повеќе булевари и улици во Скопје.
- Во внатрешниот дел ќе има направено и жардињера, ќе бидат заемнети сите рабници, а ќе бидат направена велосипедска и пешачка патека. Ќе се искористи можноста да се направи и замена на водоводната мрежа со Ф200 и Ф250 по целата должина на лентата, појасни Трајановски.
Премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на отпочнувањето на реконструкцијата, информира дека оваа градежна сезона се планира проширување и реконструкција на околу 10 улици и булевари.
- Се планира реконструкцијата и проширувањето да биде завршено до септември, како краен рок, изјави Груевски.
На новинарско прашање дали ќе се санира улицата „Сава Ковачевиќ“ во општината Кисела Вода, градоначалникот Трајановски потсети дека во таа општина се прави оваа година најголемиот булевар во Скопје „Првомајска“.
- Она што значи санирање на „Сава Ковачевиќ“ веќе е планирано, меѓутоа нема да биде комплетно оваа година, туку само да биде санирано за да можат граѓаните нирмално да се движат, изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.