„Раководството на МВР во изминатите 100 дена работеше на континуирана реализација на приоритетот за создавање на модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, која на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе ја гарантира целосната лична и имотна сигурност на граѓаните, ќе продолжи одлучно и неселективно да се справува со организираниот криминал и корупцијата и успешно да работи на превенција од сите облици на тероризам и други противуставни дејствија“, истакна денес министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на форумот организиран по повод првите 100 дена од работењето на оваа Влада.
На прашањето што е преземено за да се подобри ефикасноста и стручноста во работењето на полицијата и кои се придобивките од тоа за граѓаните, Спасовски потенцираше дека оваа Влада и раководството на МВР се исклучително свесни дека мора континуирано да се вложува во нова генерација на комплетно опремени и задоволни полициски службеници за да може полицијата да се профилира како вистински гарант за заштита на законитоста во интерес на сите граѓани.
„Така, во овие 100 дена се набавија нови 8.000 парчиња виндјакни за припадниците на полицијата, а кон крајот на првиот квартал беа испорачани вкупно 16.000 парчиња летни и зимски панталони и здолништа за припадниците на полицијата, со вредност од околу 31 милион денари со вклучен ДДВ, како и и 8.550 пара високо специјални чизми за потребите на ЕБР и униформираната полиција, согласно планот за јавни набавки на униформи за 2021 година“, истакна министерот Спасовски.
Во насока на постојано унапредување на материјално-техничките услови за работа на полицијата, според министерот Спасовски, беше и промовирањето на четирите реконструирани објекти - ОВР Прилеп, ЕВР Карпош, зградата на Шестата управа и ОВР Радовиш, како продолжение на низата од вкупно 73 досега реновирани објекти од страна на актуелното раководство на МВР.
„Во периодот од 100-те дена во областа на недозволената трговија со дрога се постигнати забележителни резултати, при што сузбиени се осум организирани криминални групи составени од 33 лица, од кои 28 македонски државјани, четири косовски и еден албански државјанин, со кои се спречени четири меѓународни транспорти на марихуана, еден меѓународен транспорт на прекурсори. Со цел сузбивање на улично дилерство на наркотични и синтетички дроги извршени се претреси на вкупно 40 локации на кои беа пронајдени и одземени поголема количина марихуана, хероин, амфетамин и др., приведени над 20 лица, а беше пронајдена и импровизирана лабораторија за производство на канабис на подрачје на ОВР Гевгелија. Откриена е и група која инсталирала нелегална лабораторија за производство на синтетички дроги во Р. Бугарија. Односно, за само три месеца запленети се 7 килограми хероин со вредност од речиси 300.000 евра, околу 1.2 тона психотропни супстанци за производство на амфетамин со вредност од околу 200 милиони евра, над 2,2 тона марихуана со вредност од над 5 милиони евра“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, додавајќи дека благодарение на одличните резултати државата се позиционираше како кредибилен фактор во борбата против недозволената трговија со наркотици.
Одговарајќи на прашањето што презема државата за намалување на бројот на жртви во сообраќајот, Спасовски одговори: „Во делот на сообраќајната безбедност, ако минатата 2021 година заврши како година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години - 116, при што најголемо намалување на сообраќајните незгоди според местото на случување е забележано на подрачјето на СВР Скопје, како подрачје со голема фреквенција на возила и учесници во сообраќот, податоците од првото тримесечие во 2022 година, односно од првите 100 дена на оваа Влада, покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите три месеци од 2022 година има 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28. Само во месец март 2022 година имаме четири жртви, а во март 2021 имало 16 - значи бројката е дури четири пати помала во март 2022“.
Тој порача дека актуелното раководство на МВР продолжува со имплементацијата на стратешки поставените приоритети за опремена и мотивирана полиција во служба на граѓаните, безбедни сообраќајници за што помалку жртви во сообраќајот, сузбивање на криминалот со дрога за безбедни генерации и континуирани реформи за поголема ефикасност на полицијата.