Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска оствари средба со претставниците на Националните инвалидски организации. На средбата се разговараше за барањата кои што инвалидските организации преку Националниот Совет на инвалидски организации ги поднесоа во Министерството за труд и социјална политика.
„Во изминатиот период константно се сретнуваме со граѓанските организации и родителите на децата со попреченост за да ги слушнеме нивните потреби и заеднички да креираме политики и мерки во интерес на децата и лицата со попреченост. Врз основа на овие разговори воведуваме пакет мерки и дополнувања и измени во законите, со цел подобрување на животот на децата и лицата со попреченост. Нашата заложба е да ги решаваме предизвиците еден по еден со издржани систематски решенија“ рече Тренчевска.
Министерката истакна дека барањата на здруженијата ќе се разгледуваат заеднички, за да се обезбеди полесен пристап до достапни и бесплатни услуги и унапредување на правата. Ќе се воведе и ревизија на веќе дадените услуги со цел подобрување на квалитетот на испорака на истите и подобро таргетирање.
„Целта не е само покачување на висината на правата, туку и зголемување на обемот и достапноста до квалитетни услуги во делот на социјалната заштита, образованието и здравството, со што децата и лицата со попреченост на еднаква основа да се стекнат со квалитетно образование и да се стекнат со вештини кои ќе им обезбедат влез на пазарот на трудот и да направиме самостојни активни граѓани кои ќе придонесуваат за себе и за државата,“ додаде Тренчевска.
Министерката изјави дека новите права и услуги за 2022 година коишто се договорени со другите министерства и фондови како што се ослободувањето од партиципација за лицата со попреченост над 26 години во вкупна висина од 16.000.000 денари, понатаму покачувањето на правото за посебен додаток од 15% за сите три категории на корисници, потпишувањето на договорот за лицата што користат Кохлеарни импланти за набавка на говорниот процесор, измена на правилникот за утврдувањето на список на поправки на ортопедските помагала за покривање на трошоците за сервис и поправка на говорниот процесор, намалување на времето за доделување на ортопедски помагала – чевли од 9 на 6 месеци, промена на критериумите за користење на личната асистенција, односно дополнување со комбинирана попреченост каде доминантна е телесната, проверка на усогласувањето на висината на правата со трошоците за живот, измена и дополнување на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2022 година, каде се предвидува цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете/лице со попреченост од стручен работник во лиценцираните Дневни центри за деца со попреченост, односно 858 денари за индивидуален третман и 1.053 денари дневно по корисник, платени преку Центрите за социјална работа, воведување на Регистар за лицата со попреченост.
Министерката посочи дека, ќе се анализираат и сите други барања кои се доставени до МТСП и со заеднички напори ќе се работи на изградба на систем кој е праведен, кој ги следи потребите на секоја индивидуа и врз основа на потребите ќе се креираат политиките и мерките во иднина.