Тренчевска по повод 100 дена Влада: Обезбедивме постојан раст на пензиите, креираме мерки за намалување на невработеноста, го унапредуваме стандардот на граѓаните

„Еден од приоритетите на оваа Влада кое го нотиравме и во Програмата за работа 2022 -2024 година беше токму покачувањето на пензиите. Преку социјален дијалог со сите засегнати чинители, дојдовме до заедничко и најодржливо решение, а тоа е воспоставување на нова методологијата за усогласување на пензиите односно усогласување со 50 проценти од порастот на трошоците на живот и 50 проценти од порастот на просечната плата, два пати годишно,“истакна министерската за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на Форумот  организиран по повод 100 дена Влада.

 

На прашање во врска со капиталните инвестиции на Министерството за труд и социјална политика, и планот за наредниот период, министерката Тренчевска се осврна на реализираните инвестиции во изградба на детски градинки и дневни центри за лица со попреченост. Во таа насока, таа информираше дека, од 2017г. досега отворени се вкупно 69 објекти – детски градинки и зголемен опфат за околу 4.300 деца. До крајот на 2022 година, предвидено е отворање на нови 13 градинки/објекти со вкупен капацитет за 1.360 деца, а 15 градинки кои се во тек,  се  планирани да се отворат во 2023 година со вкупен капацитет за 1.905  деца. Во тек е и  адаптација и реконструкција на Дневен центар за лица со попреченост во О. Чашка.
На тема намалување на невработеноста министерката Тренчевска ја истакна заложбата на министерството преку законски решенија и активни програми и мерки во континуитет ја намалува невработеноста. Притоа се осврна на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, Воведување на Гаранција за млади, донесување и имплементација на Законот за практиканство, Закон за младински додаток и Закон за младинско учество и младински политики.

„Во 2021 година, вкупниот опфат на лица со програмите/мерките за вработување од Оперативниот план за вработување изнесуваше 11.933 невработени лица. Во 2022 година со Оперативниот план за вработување зголемен е опфатот на 14.685 невработени лица. За реализација на Оперативниот план за вработување обезбедени се 30 милиони евра, што е за 5 милиони евра повеќе во споредба со минатата година. Оваа година зголемен е опфатот за најбараната мерка за самовработување, со што обезбедена е финансиска поддршка за отворање на сопствен бизнис за 2000 лица, “ истакна Тренчевска.