На Форумот 100 дена од мандатот на новата Влада на Република Северна Македонија на прашањето кои беа приоритетите во изминатите 100 дена во справувањето со пандемијата, министерот за здравство Беким Сали посочи дека вакцинацијата е најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението и дека изминатите 100 дена Министерството за здравство се фокусираше на имунизацијата на граѓаните.
„Инициравме широка кампања за имунизација за заштита на ризичното население од тешка форма на КОВИД-19. Преку СМС пораки ги повикуваме лицата од ризичната група над 65 години, како и помлади лица со коморбидитети, кои сѐ уште не се заштитени со соодветна доза вакцина, да се имунизираат, во определениот термин и пункт, закажани преку „Мој Термин“. Исто така, со поддршка од СЗО, УСАИД и УНИЦЕФ спроведовме караван за вакцинација против КОВИД-19 во вкупно 14 локални заедници низ државата“, истакна министерот Сали.
Тој истакна дека државата направи интензивни напори да обезбеди што е можно повеќе лекови без доплата за пациентите.
„Презедовме активности да обезбедиме поевтини лекови за граѓаните преку преговори со сите производители увезувачи и постигнавме договори за нови цени за лекови и тоа за 120 оргинаторни лекови и 123 генерички лекови кои наоѓаат примена и во примарното ниво и во болничките услови“, посочи министерот за здравство и порача дека паралелно се работи на осовременување и унапредување во повеќе сегменти – инфраструктура, нова медицинска опрема и стручна надградба на кадарот.
На Форумот на прашања од интерес на јавноста одговараше и министерот за образование Јетон Шаќири кој истакна дека има план за промена на наставните програми со цел вклучување на претприемништвото во училиштата, како предуслов младите дома да ја градат својата иднина.
Министерот Шаќири на Форумот ја искористи можноста да им се заблагодари на сите наставници од основно и средно образование кои денеска се вратија на образовниот процес, подвлекувајќи дека ова е од највисок интерес за учениците.
Тој ги истакна и капиталните инвестиции во нови училишта и реконструкцијата на старите и подвлече дека еден добар образовен модел подразбира фокус на учениците и мотивација за наставниците
Достигнувањата од областа на културата и носечките приоритети и заложби на Министерството за култура ги презентираше ресорната министерка Бисера Костадиновска Стојчевска.
Таа истакна дека културните работници ги добија своите плати кои беа усогласени со минималната плата и согласно нивниот колективен договор кој, како што подвлече, е на едно доследно високо ниво.
„Нашиот главен постулат беше дека сакаме да имаме континуитет и јас како министерка и како човек верувам дека добрите практики не треба да се менуваат, туку треба само да се унапредуваат. Во овие 100 дена продолжуваме со она што е од стратешко значење за нашата држава, а тоа е заштита на културното наследство со спроведување на позитивните законски решенија и позитивните политики од областа на заштитата. Во однос на нормативните процедури, вчера заврши јавната расправа за предлог законот за Законот за авторски права и сродни права, којшто е усогласен со регулативите на ЕУ и тој понатаму влегува во собраниска процедура“, истакна ресорната министерка.
Таа подвлече дека капиталните инвестиции се голем и важен дел од културата, затоа повеќе од 10 милиони евра се вложуваат во изградба на нови театри и нови центри за култура, како и во заштитата на културно-историското наследство.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини потенцираше дека заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните се високи приоритети за оваа Влада и ги презентираше конкретните чекори во таа насока.
„Животната средина како никогаш досега е високо котирана во стратешката агенда на Владата на Република Северна Македонија. Интензивно се работи на вложувања во зелени и обновливи извори на енергија. Во овој сектор секако дека имаме потреба од долгорочна стратегија. Првите резултати на нашите сеопфатни заложби веќе ги гледаме. Отпочна чистењето на депонијата со линдан кај ОХИС и продолжува зајакнување на контролата преку Законот за инспекции и надзор за животна средина. Во иднина сме подготвени за нови нормативи, за измена на Законот за води, Законот за климатски промени за да ги подигнеме стандардите за одржлив развој и чиста животна средина“, истакна министерот Нуредини.