Заменик претседателот на Влада задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во своето обраќање на форумот „100 дена Влада“ ги презентираше состојбите и напредокот во процесот на преговори со Република Бугарија за отстранување на ветото, како и за подготвеноста на земјата во евроинтегративниот процес.
-По прв пат во процесот на преговори со Бугарија воспоставивме систем на рационални разговори, разговори коишто се водат на повеќе теми. Процесот престана да биде заробен само од одредени прашања, пред сè поврзани со историјата и тој нов пристап и нова енергија даваат резултати, истакна Маричиќ, додавајќи дека Владата се обврза тој дијалог да се води достоинствено и во духот на европските вредности.
Вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека оваа Влада и во исклучително тешка година за целиот свет, а и за нашата земја, во ниту еден момент не ги запостави реформите и остана посветена на приоритетите и спроведувањето на европската реформска агенда.
-Процесот на европската интеграција е всушност процес на реформи дома. Тоа е задача на цела Влада и остануваме е фокусирани на евроинтеграциите. Брзината на нашиот напредок ќе зависи од динамиката реформи, односно од брзината и степенот до кој општеството како целина ќе се вклучи и реформира, смета вицепремиерот Маричиќ.
Во однос на подготвеноста за евроинтеграцискиот процес, вицепремиерот Маричиќ рече дека Северна Македонија последните пет години бележи интензивен напредок во делот на евроинтеграциите и дека е време тоа да се верификува.
Имаме ниво на 45% подготвеност или усогласеност со системот на ЕУ. Тоа не е малку, и ветува дека кога ќе ги почнеме преговорите тие нема да траат премногу во однос на исполнувањето на условите и усогласување на нашиот систем, посочи вицепремиерот Маричиќ.