Премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 на темата околу заострувањето на реториката и на македонска и на бугарска страна по отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, истакна дека по прашање на унапредување на македонско-бугарските односи договор е можен единствено кога ќе има сеопфатно решение што ќе ги затвори сите отворени прашања, низ јасна временска рамка и што ќе значи безусловно кревање на ветото кое што го има ставено Бугарија за отпочнување на првата меѓувладина конференција за Република Северна Македонија со ЕУ.
„Нормално дека ќе продолжиме да разговараме, но врз основа на неколку принципи. Принцип на сочувување на достоинството на двете страни, на достоинството на политичарите, на институциите и достоинството на сите граѓани во двете држави. Никој нема право да ја нарушува и гордоста на граѓаните на двете држави и доколку се исполнат тие услови, тогаш можеме да дојдеме до решение“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски посочи дека во неговите разговори со претставниците на ЕУ и со претставниците на бугарската страна тој потенцирал дека се бара решение базирано на европски вредности, на принципот на достоинство на сите граѓани на двете држави.
„Идентитетот и јазикот воопшто не се предмет на разговор, значи тоа не е предмет за разговор. Ниту сум разговарал, ниту ќе разговарам за идентитет, јазик на македонскиот народ. Тоа е нешто што е наше, нешто што сме го имале и ќе го имаме во иднина, и тоа е тоа што нас не идентификува како народ визави сите други народи во светот и што ни прави добри партнери за разговори, за соработка за сите, и внатре во државата и со соседите како и со ЕУ.“, посочи Ковачевски.
Околу прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија, премиерот подвлече дека ние имаме уставно уредување кое што ги гарантира правата на сите заедници што живеат во оваа држава.
„Ние сме единствена држава веројатно во Европа која што има Министерство за правата на заедниците, имаме Агенција за јазици и голем број на институции коишто на државно ниво ги штитат, негуваат и ги унапредуваат правата на помалите заедници во државата. Нашето уставно уредување предвидува дека индивидуалните права на самоопределување може да се остварат колективно според Уставот и затоа во нашиот Устав имаме и Македонци, Албанци, Власи, Срби и т.н. Според тоа, легитимно е барањето и на другите граѓани кои што се самоопределуваат на друг начин, а веќе таков интерес изразиле Црногорците, Хрватите. Доколку изразат и бугарските граѓани, секако дека тоа ќе биде предмет на разговор во државата. Уставот не е обична книга што може да се отвори и да се затвори, кој кога сака. Уставот се отвара врз основа на уставна процедура која што е пропишана“, истакна Ковачевски.