Од 44-та седница на Владата: Нема продолжување на учебната година; Укината е одлуката за ограничување на извозот на масло од сончоглед; Обезбеден е грант за реконструкција и опремување на 50 училишни спортски сали

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 44 седница ја донесе Одлуката за утврдување на бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во средните училишта.

Со оваа одлука се утврдува дека бројот на наставните денови во тековната учебна година во средните училишта изнесува 146 наставни денови, односно дека нема продолжување на учебната година.

На денешната седница Владата донесе одлука да престане важноста на одлуката за ограничување на извозот на масло од сончоглед.

Одлуката е донесена врз основа на констатираната состојба дека тековното домашно производство на масло од сончоглед редовно го снабдува домашниот пазар за потребите за широка потрошувачка односно за сервисирање на граѓаните, дека постоечките количини позитивно влијаат на стабилната состојба со овој основен прехранбен производ и дека нема потреба да се создаваат вишоци, односно залихи на масло од сончоглед за јадење.

На оваа своја седница Владата ги задолжи Министерството за здравство и Министерството за финансии да ги обезбедат неопходните средства за обезбедување на антиретровирусната терапија како составен дел од Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Северна Македонија за 2022 година.

Министрите во Владата денеска ја разгледаа и усвоија Информацијата за потребата од склучување на Договор за грант за проектот „Рехабилитација на објекти за физичко образование во основните и средните училишта и набавка на спортска опрема во Северна Македонија“, меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за образование и наука и Банката за развој при Советот на Европа - ЦЕБ.

Грантот доаѓа од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), во висина од три милиони евра и е наменет за реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта и за опремување со спортска опрема на 50 постоечки училишни спортски сали во основни училишта.