Ковачевски од средбата со „Цивил“: Градиме просперитетно општество со еднакви можности за сите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска прими делегација на организацијата за човекови права „Цивил“, којашто ја предводеше претседателот на организацијата, Џабир Дерала.

На средбата стана збор за владините програми и соработката со граѓанските организации во јакнење на граѓанските вредности и капацитети во државата, борбата против дезинформациите, транспарентност на институциите, како и имплементацијата на „Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија”.

Премиерот Ковачевски на средбата посочи дека во изминатите пет години Владата покажа што значи демократија, лична слобода и право на мислење, почит, толеранција и недискриминација и дека со владината стратегија за едно општество се идентификувани темелните одредници за заедница во која секој граѓанин, без исклучок, ќе се чувствува како еднаков, рамноправен припадник на општество, кое е и фер и правично за сите.

Со промената на власта во 2017 година, истакна Ковачевски, и за медиумите, и за граѓаните се случи пресврт во медиумскиот етер по повеќе основи. Запре репресијата, диктирањето и контролата, а на јавната сцена доминираат слободата на мисла и на изразување, гласната критика и натпреварот на мислења, идеи и аргументи. 

На состанокот беше посочено дека низ максимално почитување на принципот на инклузивност, Владата во тесна и продуктивна соработка со граѓанскиот и бизнис секторот останува максимално посветена на имплементација на принципите за отворена власт.

Премиерот Ковачевски на средбата како посебно значајна ја нагласи активноста на „Цивил Медија“, како дел од организацијата за човекови права „Цивил“, во разобличувањето на дезинформациите.

Во однос на актуелната кампања на опозицијата за блокади и за бојкот на институциите, на средбата беше потенцирано дека станува збор за неодговорно однесување кое единствено има за цел да генерира дополнителна криза за да се предизвикаат предвремени избори.

На средбата беше изразена согласност дека од посебна важност е да заврши процесот за реформи на изборниот процес, и дека во овој момент предвремените избори ќе предизвикаат дополнително одлагање и на другите процеси кои се од посебна важност за граѓаните и државата.