Министерката за труд и социјална политика денеска присуствуваше на официјалната промоција на дигиталните алатки „Сиборд“ и „Сузе“ за алтернативна и аугментативна комуникација. Настанот беше организиран од страна на УНИЦЕФ.
„Министерството за труд и социјална политика интензивно работи на реформата во делот на заштита на децата, за на секое дете да му обезбедиме услови за оптимален раст и развој. Токму затоа, тековната владина Програма за развој на дејноста за заштитата на децата за 2022 година, предвидува унапредување на инклузивната пракса во установите за деца, проширување на пристапот и подобрување на квалитетот на предучилишните услуги низ целата земја, со посебен акцент на децата од ранливите групи и децата со попреченост“, изјави Тренчевска.
Министерката истакна дека алатките се од особена важност за унапредување на инклузијата на децата со попреченост уште од најраната возраст, овозможувајќи им на децата со тешкотии во говорот да ги искажат своите мисли и непречено да комуницираат со сите во нивното окружување.
„Апликацијата Сиборд, локализирана на македонски и на албански јазик, ќе овозможи да се зголеми опфатот на невербалните деца и децата со отежнат говор во градинките ширум државата, и ќе им помогне во нивниот когнитивен и социо-емоционален развој. Aлатката е веќе имплементирана како пилот програма во неколку градинки во Скопје. Во обуката за нејзино користење опфатени се околу 70 лица кои се дел од кадрите во градинките, центрите за лица со попреченст како и училиштата. Алатката е користена на глобално ниво, а сега е веќе прилагодена за употреба и кај нас“, изјави Тренчевска.
„Децата кои имаат тешкотии со говорот често се мачат да бидат разбрани, а тоа може негативно да влијае на нивните секојдневни интеракции, развој, образование и социјална вклученост. Со Сиборд, децата добиваат глас, можност да проговорат, да учат, да се развиваат и да се изразат себеси, а со тоа и шанса да покажат што можат да постигнат. Ги охрабруваме родителите и наставниците да ја користат оваа алатка за да се создаде комуникациски мост што ќе овозможи учество и инклузија на децата во пошироката заедница и во општеството“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Тренчевска посочи дека Министерството продолжува посветено да работи на унапредување на системот на детска заштита со што ќе им се овозможи на сите деца без оглед на попреченоста средината од која доаѓаат, јазикот кој го зборуваат, образованието и потеклото на родителите, да добијат сеопфатна поддршка за да го развијат својот потенцијал.
Алатката е имплементирана во соработка со Асоцијацијата за асистивни технологии „Отворете ги прозорците“ и Факултетот за електротехника и информациски технологии.