Туристичка соработка меѓу Македонија и Северен Кипар
Македонија и Северен Кипар ќе ја продлабочуваат туристичката соработка. За таа цел веќе е потпишан мемеорандум за соработка кој предвидува воведување чартер летови меѓу двете земји и организирање на седумдневни туристички тури за запознавање со двете култури.
- Имавме средба со министерот за култура, животна средина и туризам на Северен Кипар, Унел Устун со кого договоривме добра соработка во делот на туризмот, а потпишавме и меморандум за соработка во делот на туризмот, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини на маргините на конференцијата „Основни фактори за развој на рецептивниот туризам“ во организација на Стопанската комора за туризам во Македонија.
Владата и Министерството за економија, нагласи, веќе почнаа активно да ја промовираат Македонија како атрактивна туристичка дестинација.
- Тоа го прави и нашиот пријател Неџат Шашмаз кој е втор пат во земјава и е присутен на конференцијата. Тој на големо ја промовира Македонија како гостопримлива, пријатна и топла земја за сите туристи, рече Сарачини.
Разговаравме, додаде, во иднина да се направи заеднички туристички производ и да ги привлечеме туристите од Турција кои имаат голем интерес за посета на Македонија.
- Веќе воведуваме и нови чартер линии така што очекувам годинава да порасне бројот на туристи, а посебно на туристите од Истанбул, рече тој.
Кипарскиот министер Устун, кој исто така присуствуваше на конференцијата, истакна дека туризмот е мост меѓу културите.
- Северен Кипар има одлична местоположба што се карактеризира со многу сонце и добра клима. Песокот, сонцето и морето се неизбежен негов дел, но нуди и други поволности како што се 20.000 легла од кои 15 со пет ѕвездички, комплекси за забава на деца, казина, ... Сакаме да воведеме чартер летови за да носиме туристи од Македонија во Северен Кипар, но и од Северен Кипар во Македонија, рече Устун.
По туризмот, потенцира, може да се развие соработка меѓу двете земји и во екномијата и другите области.
Познатиот турски актер Неџати Шашмаз - Полат Алендар од „Долината на волците“, во својство на почесен конзул на Северен Кипар истакна дека Македонија е првата земја која ја посетува по назначувањето на оваа функција.
- Северен Кипар е одличен остров кој се уште не е доволно атрактивен. Се трудиме да направиме се за да стане најдобро и најпосетено место. Првата земја која ја посетуваме за таа цел е Македонија. Многу сме блиски по културата и ми се чини како да се шетам низ Бурса кога сум овде кај вас. Сакаме да ја развиеме туристичката рамена меѓу Македонија и Северен Кипар, но и да донесеме туристи од Северн Кипар и од Турција во Македонија, порача Шашмаз.
Министерот за економија потенцира дека политиките на македонската Влада за привлекување на туристи веќе почнаа да покажуваат резултати.
- Во 2011 година се бележи пораст од 25 отсто на туризмот во однос на 2010 година. Тенденцијата продолжува и во првите два месеца од годинава и се бележи заголемување од 26 отсто на брото на туристи во однос на истиот период лани, додаде Сарачини.