Ковачевски: Отворен Балкан значи можност за инвестиции и економски раст на регионот

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со премиерката на Србија Ана Брнабиќ денеска учествуваше на Самитот во организација на „Македонија2025“, чија главна тема беше регионалната соработка, со фокус на економијата, иднината на компаниите, работната сила и администрацијата низ иновациите и дигиталната трансформација.

Во дискусијата на темата регионална соработка и концептот „Отворен Балкан“ Ковачевски оцени дека регионалната соработка е клучна за пребродување на кризата во која се наоѓаме и дека со оваа иницијатива земји како нашите можат да обезбедат многу поголемо влијание и поголеми перформанси во областа економија.

„Оваа иницијатива по сите основи на економската логика е позитивна, креира поголем пазар на капитал, можности за размена, како и зголемување на БДП на регионот. На следниот Самит во Охрид во јуни очекуваме да ни се приклучат и други земји од Западен Балкан затоа што оваа иницијатива може да донесе бенефит за сите шест земји од регионот.“ истакна Ковачевски.

Тој нагласи дека оваа иницијатива, секако, не е замена за ЕУ интеграцијата, но дека нашата интеграција во Унијата е заложник на инсистирањето на Република Бугарија да се зборува за историја и минатото, а не за иднината.

„Тоа не дава бенефит за никого. Зборувањето за теми кои се однесуваат на иднина е позначајно и на таква основа треба да се одвива дијалогот и соработката помеѓу земјите“, истакна премиерот Ковачевски.

Тој подвлече дека земјите од Отворен Балкан имаат формирано тимови кои работат на заедничка промоција во однос на привлекување на директни странски инвестиции, а се работи и на заедничка промоција на туризмот во сите држави и промоција на производите што се поврзани со туристичката дејност или индустрија. Како што рече, од големо значење е олеснувањето на сите нетарифни бариери на границите и тоа веќе е направено во делот на фитосанитарните услуги, во делот на транспортот на границите.

„Во моментот се работи на единствен ИД број којшто оние кои ќе решат својата кариера да ја продолжат во една од трите земји, тоа ќе можат да го направат на наједноставен начин преку овој број. Тој важи во сите три држави, без да мора да се бараат работни дозволи на секоја недела или секој месец”, рече Ковачевски.

Тој најави дека регионалната соработка продолжува и во други области, како култура и образование, сé со цел да се намали јазот со ЕУ.

„На овој начин самиот регион ќе стане попривлечен за ЕУ. Ниедна голема компанија нема да замижи пред голем пазар од 20 милиони луѓе. Крајната цел на „Отворен Балкан“ е една царинска унија во која слободно ќе се тргува и ќе се инвестира капитал“, истакна Ковачевски.