Премиерот Груевски во Варшава на форумот „Полска - Централна Европа - Кина“
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска во Варшава учествуваше и се обрати на бизнис форумот Полска – Централна Европа – Кина, чиј што домаќин беше премиерот на Република Полска, г-дин Доналд Туск, а на кој покрај премиерот на НР Кина, г-дин Вен Џиабао, присуствуваа повеќе премиери и високи претставници на централно и источно европски земји.
Во своето излагање премиерот Груевски истакна дека иницијативата за интензивирање на економската и политичката соработка со Народна Република Кина е повеќе од добредојдена за земјите од Централна и Источна Европа. - Таа нè потсетува дека политичката и економската соработка е од меѓусебна корист за сите страни како во времиња на просперитет, така и во времиња на предизвици. Во моментов, импресивниот економски растеж на Кина не е само движечка сила на глобалниот раст, туку и светол пример за развоен модел заснован на цврсти основи, рече премиерот.
Тој посочи дека постојат многу вредности кои ги споделуваат Европа и Кина, и тука треба да се бара основата на воспоставување на политики кои во својот фокус ќе имаат обезбедување на благосостојбата на граѓаните, како и продлабочување на меѓусебните односи базирани на правдата и меѓународното право, сè во интерес на светскиот напредок.
Премиерот Груевски истакна дека Народна Република Кина му обезбедува постојана поддршка на регионот, а доказ за тоа е десеткратното зголемување во обемот на билатералната трговија во текот на минатата деценија, при што кинеските компании сè повеќе инвестираат во Централна и Источна Европа, сметајќи го регионот за важна порта за пристап кон европските пазари.
Тој се осврна на одличните кинеско - македонски економски и политички односи кои ја задржаа силната динамика во последните години, при што беше постигнат значителен напредок во различни полиња. - Двете земји се посветени на промовирање на инвестициите во инфраструктурата, земјоделието, образованието и туризмот, како нови области за раст во билатералната соработка. НР Кина во последните неколку години, постојано се наоѓа на листата на 20-те земји со кои Република Македонија остварува најголем обем на трговска размена, и во 2011 година го зазема 9-то место во трговската размена, која достигна околу 482 милиони американски долари, што покажува нагорен тренд во економските односи помеѓу двете земји, истакна Груевски.
На крајот од своето обраќање премиерот Груевски посочи дека растечката кинеска економија целосно ги поддржува економскиот раст и просперитетот на Централна и Источна Европа, при што ја изрази својата цврста увереност дека понатамошната економска соработка ќе продолжи да резултира во заеднички придобивки, а Европа и Кина имаат многу да му понудат на светот, затоа што тоа е и заедничка обврска и влог кон светското граѓанство, кон кои смело се пристапува со визија и со лидерство.
Свои обраќања на настанот имаа и премиерот на Унгарија, г-дин Виктор Орбан, премиерот на Романија, г-дин Михаи Ражван Унгуреану, бугарскиот вицепремиер и министер за финансии, г-дин Симеон Џанков, премиерот на Литванија, г-дин Андриус Кубилиус, премиерот на Латвија, г-дин Валдис Домбровскис, естонскиот премиер, г-дин Андрус Ансип, чешкиот премиер, г-дин Петар Нечас, премиерот на Словачка, г-дин Роберт Фицо, премиерот на Словенија, г-дин Јанез Јанша, хрватскиот премиер г-дин Зоран Милановиќ, премиерот на Србија, г-дин Мирко Цветковиќ, претседавачот со Советот на министри на БиХ, г-дин Вјекослав Беванда, премиерот на Црна Гора, г-дин Игор Лукшиќ, како и албанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, г-дин Едмонд Хаџинасто.
Подоцна во текот на денот предвидени се билатерални средби на претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, со кинескиот премиер г-дин Вен Џиабао, како и со домаќинот, полскиот премиер г-дин Доналд Туск.