Министерот Бектеши, евроамбасадорот Гир и директорката Мустафаи го одбележаа Светскиот ден на метрологијата: Со поддршка на ИПА програмата на ЕУ, Бирото за метрологија доби нова современа опрема

Министерот за економија, Крешник Бектеши, заедно со амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир и директорката на Бирото за метрологија Мерита Мустафаи денеска го одбележаа Светскиот ден на метрологијата -20 мај.
Како што информираше министерот Бектеши со поддршка на Европската унија, Бирото за метрологија набави нова опрема за нови лабатарории со средства обезбедени од ИПА програмата.

Министерот Бектеши истакна дека инфраструктурата за квалитет дава суштински придонес кон надминување на техничките  бариери, кон фер трговијата како и кон грижата за потрошувачите и дека фер трговијата и заштитата на потрошувачите не е возможна без развиен метролошки систем.

„Овој проект од програмираната ИПА 2019 програма, кој примарно беше насочен кон зајакнување на капацитетите на Бирото за метрологија, слободно можам да кажам дека има клучна улога и во процесот на усвојување и хармонизација на националното техничко законодавство, со она на Европската унија и секако неговата примена. Истовремено, Бирото за метрологија е институција која е тесно поврзана со  граѓаните и стопанството, и како таква претставува неодминлив елемент во обезбедување квалитет на производите, подигање на продуктивноста и конкурентноста на пазарот, со еден збор унапредување на економијата на државата„ кажа министерот Бектеши.

Бектеши истакна дека Министерството за економија ги поддржува  институциите како што е Бирото за метрологија, во спроведување на активностите насочени кон изградување на квалитетна метролошка инфраструктура, промовирање на метрологија како наука, и организирање кампањи за подигање на свеста за метрологијата.

„Поддршката за развој на инфраструктурата за квалитет и натаму ќе остане  приоритет за Република Северна Македонија, а верувам дека Европската Унија и во иднина ќе ни излезе во пресрет за реализација на други бројни проекти од ваков тип” – изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.  
Евроамбасадорот Гир истакна дека Европската Унија отсекогаш ја поддржувала Северна Македонија и ќе продолжи да ја поддржува и во иднина.

„Метрологијата е многу важна и би било многу тешко да се замисли модерниот свет на трговијата и на индустријата без ваков Институт. Потребна е современа опрема за извршување на работата во делот на метрологијата. Во последниве години, Европската унија ја зголеми конкуренцијата во областа на метрологијата. Европската унија формираше Партнерство за метрологија кое има за цел да ги интегрира метролошките истражувања во Европа и најдобро да ги искористи националните фондови, како и приватните инвестиции во областа на метрологијата. Овој проект е финансиран од земјите членки на ЕУ. Европската Унија го поддржува Бирото за метрологија во Северна Македонија во 2021 година во рамки на ИПА фондовите со што е обезбедена нова опрема на Бирото за метрологија”, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.

Директорката на Бирото за метрологија Мерита Мустафаи истакна дека како носител на националната метролошка инфраструктура, Бирото за метрологија претставува клучeн елемент во изградбата на инфраструктурата за квалитет на државата и e една од најзначајните потпори на научниот и технолошки прогрес.

„Нашата мисија и визија е градење на престижна метролошка институција, препознатлива на Европско ниво и пошироко, која ќе даде поддршка на меѓународната интеграција на нашата земја и нашата индустрија, од аспект на негова меѓународна конкурентност. Имајќи го предвид значењето на метрологијата како неодминлив елемент, неопходен за унапредување на економијата на државата, Бирото за метрологија континуирано се стреми кон преземање разни мерки и активности за поддршка и развој на истата. Токму и реализацијата на овој проект е во насока на исполнување на нашата визија“, кажа директорката.

Според нејзе бенефитот од овој проект ќе се рефлектира врз развојот на индустријата и општо на економијата.

„Ние и понатаму ќе се стремиме искуствата и знаењата кои ги стекнуваме преку проектите на Европската Унија, што е можно повеќе да ги ставиме во функција на корисниците на услуги, како од аспект на обезбедување следливост во мерењата, така и од аспект на исполнување на барањата на Европските директиви“, кажа Мустафаи.

Во рамките на IPA TAIB 2019 програмата под наслов „Зајакнување на капацитетите на Бирото за метрологија“ Бирото за метрологија набави метролошка опрема за десеминација на килограмот, опрема за автоматско одредување на содржина на јаглеводороди и оксигенати во бензин и бензински токови (стримови), опрема за производство на раствори од етанол за тестирање и верификација на алкохол во здив (етилометри) и опрема за калибрација и верификација на инструменти за должина.