Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска при посетата на Општина Берово, беше во посета на установи од социјална заштита кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
Заедно со градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски и поранешната министерка Јагода Шахпаска, го посетија Домот за стари лица д-р Иван Влашки - Берово каде што во моментот се сместени 37 корисници. Капацитетот на домот се прошири за 10 легла во 2021 година со отворање на третата ламела. Услуги кои ги нуди домот се сместување до целосен престој, исхрана, медицинска нега, дневна нега, психо-социјални активности, организирање на културно -забавен живот, обезбедување на други дополнителни услуги кои ги врши домот. Во тек е и изградба на кујна со која ќе се подобрат и услугите на самите корисници. Поради големата заинтересираност и реалната потреба на старите лица за згрижување во дом имаме направен е проект за објект - четврта ламела со тоа што би се зголемил капацитетот за уште 28 легла.
Д-р Иван Влашки е лиценциран давател на услугата помош и нега во домот, а услугата ја добиваат 69 корисници, од страна на 18 негователи. Услугата обезбедува помош при вршење на основни активности од секојдневниот живот, за лица со намален функционален капацитет кои не можат сами да се грижат за себе, а со цел да продолжат да живеат во сопствениот дом.
„Грижата за ранливите категории на граѓани, вклучително и старите лица е високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика. Преку унапредување на правата и услугите кои произлегуваат од системот на социјална заштита обезбедуваме поголема грижа и задоволување на потребите на највозрасните граѓани во нашата држава,“ рече Тренчевска.
Министерката Тренчевска го посети и малиот групен дом во Берово, отворен во 2009 година како организациона единица на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Берово и во него се сместуваат деца без родители и родителска грижа. Тој е прв од таков вид во нашата држава. Во моментов во него се згрижени четири деца , а за нив се грижи тим од 3 стручни лица (едукатори) и две негователки.
Малиот групен дом во Берово функционира како куќа на децата со нивните едукатори и негователи, во вид на семејно опкружување, и остварува соодветна квалитетна грижа за децата надвор од нивните биолошки семејства. Крајната цел на работата со децата од Мал групен дом е изградба на општествено корисна личност која ќе биде целосно социјализирана и интегрирана во општествените текови на модерното живеење. Малиот групен дом во Берово е успешна приказна за децата без родители и родителска грижа.
Посетата на Берово беше заокружена со средбата со вработените во Центарот за социјални работи што воедно беше можност за разговор во врска со правата и услугите од социјална заштита, и нивната успешна испорака до оние граѓани на кои поддршката им е потребна.