Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска посетата во Струмица ја започна со заеднички појадок со корисниците во станбените единици кои со процесот на деинституционализација се преместени од Заводот Бања Банско.
„Процесот на деинституционализација го подобрува квалитетот на живот на лицата со попреченост. Корисниците кои во овој процес се преместени во станови живеат со поддршка, користејќи ги услугите за лична асистенција според нивните потреби, “рече Тренчевска.
Министерката посочи дека задоволството на корисниците во новите начини на станбено сместување претставува вистинско задоволство за нив како и го подобрува нивниот животен стандард.
Исто така министерката Тренчевска го посети и Центарот за работно ориентирана рехабилитација и работно оспособување на лица со попреченост како и терапевтската заедница „Покров“ која функционира во рамките на организацијата „Избор“.
„Центарот за работно ориентирана рехабилитација и работно оспособување на лица со попреченост во кој се преработува, суши и пакува земјоделски производи им овозможува на овие лица да придонесуваат за заедницата и да го исполнуваат својот целосен потенцијал. Како Влада и Министерство вложуваме во унапредување на правата на лицата со попреченост ,“изјави Тренчевска.
Министерството за труд и социјална политика продолжува да работи во насока на унапредување на животот на сите граѓани, не правејќи разлика за каков социјален ризик се работи.