Попоски во Конгресот на САД се сретна со членот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом Тед Поу
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска во Конгресот на САД имаше средба со Тед Поу, член на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.
Министерот Попоски го информираше Поу за постигнувањата на Република Македонија во процесот на евро-атлантско интегрирање на земјата, како и аргументите за добивање што побрза покана за членство во НАТО.
Конгресменот Поу, соопштуваат од македонското МНР, истакна дека Македонија заслужува час поскоро да стане дел од Алијансата, навестувајќи дека во таа насока лично ќе залага во Конгресот и во Администрацијата на САД.
Во пресрет на утрешното обраќање во Брукингс Институцијата, Попоски денеска се сретна и со претседателот на овој реномиран институт од областа на надворешната политика, Строб Талбот, инаку поранешен заменик-државен секретар на САД и носител на повеќе други високи функции во неколку администрации на САД.
Попоски и Талбот ја подвлекоа важноста на заокружување на процесот на евро-атлантско интегрирање на земјите од Југоисточна Европа, изразувајќи заеднички став дека и во услови на сериозни кризи во одделни региони во светот, неопходно е проширувањето да биде задржано во фокусот на НАТО.
Министерот ќе има средба и со претседателката на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, Илеана Рос-Лејтинен, на која се очекува да присуствуваат и членови на комитетот, а ќе има и работна вечера со претставници на администрацијата на САД надлежни за регионот, како и претставници на тинк-тенк заедницата, невладини институции и членови на дипломатскиот кор.