Денес на Попова Шапка се потпиша Договор за грант за планирање меѓу Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ) и ЈУНП Шар Планина со кој се обезбедија дополнителни средства потребни за функционирање на новоформираната јавна установа.
„Добрата соработка на Министерството за животна средина и просторно планирање и Фондот за природа Преспа-Охрид што започна во 2018 година со потпишување на Рамковен договор, резултираше со финансиска помош на ПОНТ во валоризација на природното наследство и изработка на планови за управување со заштитени подрачја, како што се случаите со НП Пелистер, НП Галичица, Споменик на природа (СП)-Вевчански Извори и СП Преспанско Езеро. Денес оваа соработка се проширува и во НП Шар Планина, а очекуваме дека ќе се создатат услови за проширување и во други заштитени подрачја, како што е НП Маврово и други“- истакна министерот Нуредини во воведното обраќање.
Искажувајќи задоволство од можноста за проширување на соработката извршната директорка на ПОНТ, Мирјам де Конинг рече: „ Ова е многу важен ден за ПОНТ бидејќи можеме да ја започнеме нашата поддршка за оваа нова заштитена област, неодамна прогласениот национален парк Шар Планина. Овој важен национален парк е вграден во поширокиот прекуграничен регион со други важни заштитени подрачја во Албанија и Косово. Денеска потпишуваме грант за планирање и ако се биде во ред ќе продолжиме со дополнителни грантови“.
Истакнувајќи дека ЈУНП Шар Планина како новоформирана јавна установа е соочена со голема одговорност и со бројни предизвици земајќи во предвид дека стартува од самиот почеток што подразбира обезбедување на соодветни простории и нивно опремување, изработка на низа правни документи со кои се поставуваат основите за функционирање на установата, па се до изработка на систематизација и вработување на потребниот кадар, директорот на ЈУНП Шар Планина Ибрахим Дехари истакна: „ Навистина Владата на РСМ ни додели средства за стартување, но потребните финансии за дооформување на самата установа и нејзино целосно ставање во функција се многу поголеми. Од таа причина правиме напори да ги обезбедиме дополнителните финансии преку проекти и донатори што ќе ни овозможи функционирање и самоодржливност“.
Со овој грант за планирање ќе се обезбеди административно зајакнување на институцијата, зачувување на природата од закани како што се пожари и илегални активности како и поголем визибилитет на институцијата , информираност и соработка со локалното население.
ПОНТ дополнително ќе поддржи и две локални граѓански иницијативи за што се потпишани договори со Центарот за едукација и развој (ЦЕД) од Теарце за проектот „Подобра Шара започнува со тебе“ кој има за цел да ги идентификува потенцијалните претприемачки ресурси во Националниот парк Шар Планина и да делува во правец на искористување на истите од страна на локалните жители за зголемување на нивниот претприемачки капацитет, и со Планинарскиот Клуб „Љуботен“ од Тетово за проектот: „Инфо центар за Шар Планина - врската помеѓу главните актери во заштитеното подрачје“.
ПОНТ е приватна, правно независна институција која доделува грантови кои го финансираат одржливото зачувување на природата. Грантот за планирање обезбедува придонеси од Германската влада, преку ПОНТ, Владата на Република Северна Македонија и други донатори.