Ковачевски: Со патот Извор - Гарски мост ги поврзуваме Кичево и Дебар со албанската граница за побрз економски развој

Премиерот Димитар Ковачевски вчера при посетата на Мавровскиот регион направи увид на делницата Извор – Гарски Мост, во должина од 19 километри. Со овој пат ќе се овозможи целосно подобрување во врските меѓу Кичево, Дебар и албанската граница што значи побрзо и непречено одвивање на сообраќајот во југозападниот плански регион, при што ќе се скрати времето на патување меѓу Кичево и Дебар.

Премиерот Ковачевски истакна дека овој патен правец е значајна врска со Дебар и до границата со Република Албанија.

„Патот има посебно значење за регионот, за развој на туризмот, како и за подобрување на условите за живот на граѓаните. Тоа е нашиот примарен фокус. Со подобри услови во патната инфраструктура да го подигнеме нивото на услуги што ги нуди регионот.

Нема да има застој во изградбата на патиштата. Тие се од првенствена важност. Развојот на економијата е секогаш побрз со развиена патна инфраструктура.

Без разлика на кризата остануваат инвестициите во патната мрежа.

Го следиме и остваруваме планот. Од 2017 година изградивме и обновивме повеќе од 1.000 километри патишта. До сега вредноста на овие инвестиции достигна над една милијарда евра.

Посветени сме на изградба на модерна и безбедна патна инфраструктура и реконструкција на останатите патни правци во државата.

Економската криза со која се соочуваме налага уште поголем фокус и побрза реализација на капиталните инвестиции. Добро е познато дека во криза најважно е да се вложува токму во инфраструктурата, бидејќи градежништвото е мотор на економијата. Затоа како Влада сме фокусирани за уште поголема ефикасност во реализација на инфраструктурните проекти.

Инфраструктурните капитални инвестиции помагаат да се одржи економската стабилност, да се обезбеди повисока продуктивност и вработувања, да се намалат производните и транспортните трошоци за компаниите и да се зголеми квалитетот на живот на граѓаните.

Северна Македонија се гради и поврзува, се градат нови, а истовремено се обновуваат старите патишта кои со децении беа заборавени.

Остануваме посветени на реализацијата на изградба и модернизација на патната мрежа во земјата како мерки што обезбедуваат развој“, заклучи премиерот Ковачевски.