Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски гостуваше во Тема на денот на Сител телевизија.
Преку денешното едногласно изгласување на измените за Законот за земјоделство и рурален развој во Собранието покажавме консензуалност и политичка култура поенцираше министерот Љупчо Николовски.
„20.000 семејства производители на тутун да не се грижат за своите заслужени субвенции, парите се тука резервирани, и во текот на оваа недела над 20 милиони евра ќе им бидат исплатени на земјоделците. Благодарност до претседателот на државата и на Собранието, до пратениците и до сите чинители. Се надевам дека ќе продолжи оваа позитива и едногласно без одолговлекување ќе се донесат сите преостанати закони кои значат директна поддршка за секој земјоделец во услови на криза.“ изјави министерот Николовски.
Измените на законот за земјоделство и рурален развој за прв пат воведуваат можност за авансна исплата на субвенциите од оваа година. За прв пат во 2022 година ќе се исплатат субвенции од програма од 2022 година. Младите фармери ќе добијат 40% аванс за стартап грантовите од 20.000 евра, а отвараме можност и за кофинансирање на зелена нафта до 100%.
Во улови на криза обезбедуваме поддршка за секој земјоделец. Подготвивме Национален план за производство на храна каде со конкретни интервентни мерки го помагаме домашното производство.
„Преку ребалансот обезбедуваме нови 500 милиони денари во Интервентниот фонд поддршка и за есенска сеидба, поддршка за производство на стратешки култури, зголемена поддршка за заклани јагниња, гоеници и несилки, како и поддршка за млекото и вино. Интересот кај земјоделците е голем и токму затоа очекуваме постигнување на нашата зададена цел. Како што пред 3 години успеавме да го зголемиме произвидството на јачмен, ќе успееме и сега да го дуплираме производството на сончогледот, пченката и пченицата, а со тоа и да ја намалиме увозната зависност“ изјави министерот Николовски.
Во овие кризни моменти потребно е единство, а не делби. Само обединети можеме да излеземе полесно од оваа голема економска криза. Наместо политика и блокади да работиме заедно обединети во интерес на земјоделците, а денешното единство нека биде само почеток.