Затворање на проектот „Понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Академијата за обука на судии и јавни обвинители“
Во Академијата за судии и јавни обвинители денеска се одбележа завршувањето на ИПА проектот „Понатамошно јакнење на капацитетите на Академијата за обука на судии и јавни обвинители“, финансиран од Европската унија.
Проектот, кој започна да се реализира во јуни 2010 година, има за цел да се создаде транспарентна и напредна институција која ќе претставува синоним за стручност и професионалност во правосудниот систем на Република Македонија.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска истакна дека проектот е имплементиран во сите компоненти, а целта беше воведување нов систем на креирање и на реализација на програмите за обука, јакнење на децентрализираниот систем на обука, воведување на систем на електронско учење и електронска библиотека, како и редизајнирање на веб-страницата.
- Новиот сервер веќе е имплементиран. Со кофинансирање од Владата со средства во висина од 100 илјади евра се набави најсофистицирана опрема, која што е надградување на системот за електронско водење на процесите во Академијата, што пак ќе овозможи сите тренинг материјали да бидат преку веб-страната достапни на секој судија и јавен обвинител, а со давање на пасворд и на адвокатите, нотарите, извршителите..., рече таа.
Арнаудовска додаде дека со помош на ИПА проектот преведени се голем број материјали за обука од Право на ЕУ и Европската конвенција за човекови права, а исто така се воведени и првите модули за електронско учење за да можат апликантите сами да ги користат сите тренинг материјали, со што во голема мера ќе се намалат трошоците на обуките.
Во периодот од 2007 година до денес, како што рече министерот за правда Блерим Беџети, подготвени се 11 проекти во вкупен износ од околу 13 милиони евра.
- Воспоставувањето на независен, професионален и ефикасен судски систем е тесно поврзан со професионална обука и оценувањето на судскиот и обвинителскиот персонал, истакна министерот.
Клучната улога во областа на едукацијата на судиите и јавните обвинители во Република Македонија ја има Академијата, бидејќи, како што рече, тие тука стекнуваат нови знаења и искуства во нивната значајна професија.
Високото стручно знаење и етичките квалитети, истакна Беџети, се основните компоненти на секој судија и јавен обвинител што претставува еден од предусловите за ефикасно судство и јавно обвинителство.
Водачот на тим на ИПА Проектот Катја Дормишева изрази задоволство од резултатите од проектот кој, како што рече, треба да ја зајакне ефикасноста и независноста на судството и да се дадат дополнителни совети за воспоставување добри комуникации со сите правни професионалци во земјата за натамошно развивање на судскиот систем.
За успешна и целосна реализација на овој проект беше формиран и Проектен комитет во чии состав членуваа седум претставници од релевантни институции на правосудниот систем на Република Македонија, како што се Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, Министерството за правда на Република Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители и Асоцијацијата за судска администрација.
На пристутните им се обрати и раководителот на Одделот за политика и информации при Делагацијата на ЕУ во Република Македонија, Роберт Лидел.