„Културата одамна го проби патот на меѓусебната соработка и се избори за високо место на агендата на „Отворен Балкан“. Тука сме да ги помогнеме културата и уметноста во нивната мобилност, во отворањето заеднички фондови, размена на информации и искуства, заеднички настапи, да внесеме иновативност и да ги обединиме нашите потенцијали", порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на пленарната сесија „Отворен Балкан отвора култура“, во рамките на самитот што се одржува вчера и денеска во Охрид.
На пленарната седница, пред присутните директори на институции, културни оператори, културни работници и младински претставници од земјите потписнички на иницијативата, се обратија и вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерките за култура на Албанија и на Србија, Елва Маргарити и Маја Гојковиќ.
Во рамките на настанот беа споделени искуства на полето на културата со цел надминување на разликите, а беше потпишан и Меморандум за разбирање за културна соработка во Западен Балкан.
Министерката Костадиновска-Стојчевска порача дека „Отворен Балкан“ не одзема ништо од никого, напротив, создава додадена вредност на културните и на уметничките богатства, споделување искуства на полето на културата во сите сегменти, со цел да се надминат разликите.
Во тој контекст, додаде министерката, препознавајќи ја суровоста на пазарот, особено на малите пазари, културата мора да биде заштитено добро, што е и основна цел на Меморандумот за културна соработка.
„Во Меморандумот ќе ги препознаете и нашите заложби за креирање заеднички календар на културни настани, како и идеите за создавање „Отворен Балкан филмски фонд“, „Отворен Балкан сцена на ЕГЗИТ“, „Отворен Балкан вечери или сцени на сите фестивали во Регионот“ и за организирање „Отворен Балкан летен младински музички фестивал“, како и за развој на програми за младинска размена. Затоа велиме, „Отворен Балкан“ е, всушност, широко отворен простор за културата и за уметноста", истакна Костадиновска-Стојчевска.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, посочи дека убавината на културата е што таа не познава граници, таа е тема што ги обединува различните народи и ги зацврстува врските меѓу луѓето, што е од клучно значење за надминување на сите разлики и за подобро разбирање на индивидуалните карактеристики како нации.
„Обврските што ние како влади ќе ги преземеме овде во Охрид, во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, за промовирање на регионалната мобилност на уметници и експерти, за поддршка на регионалните политики за соработка во областа на уметноста и културата, преку размена на искуства, вмрежување и промоција на културата и уметноста на уметниците од Западен Балкан во меѓународен контекст, како и промовирањето на мобилноста на уметниците за интердисциплинарна соработка на полето на уметноста и културата со што се генерираат економски и социјални иновации, се чекор напред во промовирањето на културната различност, меѓукултурниот дијалог и меѓусебното разбирање во регионот", рече Маричиќ.
Министерката за култура на Албанија, Алва Маргарити, нагласи дека културата е важен фактор за мирот и соработката.
„„Отворен Балкан отвора култура“ значи регионална културна соработка насочена кон зајакнување на дијалогот, културната размена и создавање заеднички балкански пазар и за уметноста и за креативните индустрии", рече Маргарити, истакнувајќи дека културниот елемент во „Отворен Балкан“ не е естетски додаток туку темел на кој треба да се изгради убавата зграда на оваа регионална иницијатива.
Маргарити зборуваше за потребата и можностите за поддршка на младите професионалци, за формирање заеднички филмски и театарски пазар, како и пазар на книги, за промоција на културното наследство преку виртуелни тури, развој на културниот туризам.
Вицепремиерката на Република Србија и министерка за култура и информации, Маја Гојковиќ, истакна дека „Отворен Балкан“ е регионална иницијатива која за краток временски период ја покажа својата вредност и ја оправда идејата што ги водеше лидерите на земјите што ја поведоа.
„Ова е вистинско време во неа активно да се вклучи и културата, како област што ги зближува поединците и општествата. Таа отсекогаш била најдобриот мост за разбирање и потврдување на различностите. И затоа е од големо значење што по другите области, од денес, културата ќе даде силен и препознатлив поттик на пријателските односи меѓу земјите кои ја поддржуваат оваа иницијатива", потенцираше министерката за култура на Република Србија. Гојковиќ истакна дека соработката што ја прошируваме денеска е резултат на автентичен процес и конзистентна визија за подобар живот на луѓето на Балканот, што придонесува и за севкупните европски интеграции, што е од заеднички интерес за сите учесници.
На крајот на пленарната сесија „Отворен Балкан отвора култура“ панелистите беа поздравени и од премиерите на Северна Македонија, на Албанија и на Црна Гора – Димитар Ковачевски, Еди Рама и Дритан Абазовиќ, од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и од претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.
„Отворен Балкан“ е регионална иницијатива формирана од Република Северна Македонија, од Србија и од Албанија, чија цел е зацврстување, зголемување, проширување и олеснување на регионалната соработка, како и промоција на културната разновидност, меѓукултурниот дијалог и меѓусебното разбирање на трите земји.