Самитот на Отворен Балкан во Охрид работниот дел го заврши со заедничка прес-конференција на лидерите на иницијативата, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија Еди Рама, и на која учествуваа и премиерот на Република Црна Гора Дритан Абазовиќ и претседавачот на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија.
Во продолжение на ова соопштение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Димитар Ковачевски во целост:
Почитуван претседател на Република Србија Александар Вучиќ,
Почитуван премиер на Република Албанија Еди Рама,
Почитуван премиер на Република Црна Гора, Дритан Абазаовиќ,
Почитуван претседавач на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија,
Почитувани претставници на медиумите,
Дами и господа,
Ми беше задоволство да бидам домаќин на овој продуктивен настан кој верувам дека носи нов позитивен пресврт за регионот. Охрид не обедини за заедничко добро на нашите народи.
Упатувам големо благодарам на сите лидери што дојдоа и што поведоа свои делегации, но и на сите учесници и гости кои придонесоа со свои идеи кон создавањето нови проекти за регионално поврзување во рамки на Отворен Балкан.
Сакам силно да се заблагодарам за поддршката што и овој пат ја добиваме од стопанските комори и од меѓународната заедница.
Имаме јасни пораки и од САД и од ЕУ. Нивната поддршка е директна и силна. Такви се и нашите напори за да го европеизираме регионот. Директно и силно работиме на европски стандарди, на економски развој, на подобар живот за нашите граѓани. Затоа Отворен Балкан има конкретни резултати и затоа земјите од регионот мора да станат членки на ЕУ.
Денеска овде во Охрид отвораме нови поглавје на соработка во областите култура и туризам.
Час поскоро, нашите граѓани од Отворен Балкан да почувствуваат нови економски и други бенефити. Може тоа да биде убав одмор во Саранда, Охрид или Копаоник. По поволни услови, со прилагодени цени. Може да бидат нови поволности и олеснувања за побрз проток на стоките кои фирмите треба да ги увезат или извезат. Побрз проток на нашите граѓани.
Еве денес ќе најавам дека претпријатијата од трите наши држави кои ги управуваат патарините работат на поврзување на системите за електронска наплата на патарина. Тоа значи дека граѓанин од Србија со ТАГ за електронска наплата на своето возило ќе може без застанување да помине и на македонска и албанска патарина – системот ќе го препознае и рампата на патарина сама ќе се крене, со електронска наплата. Така ќе ги намалиме гужвите по автопатите и патарините, а граѓаните побрзо ќе стигнат до крајната дестинација.
Веќе се подготвуваме за саемот на вино, храна и туризам во Белград во септември. Ќе презентираме сериозен обем на македонски производи таму – нашите сортни вина и македонската храна ќе ги доближиме до регионот и светот.
И конечно, се договоривме дека заедно ќе се справуваме со економската криза и недостатокот од храна и енергија.
Почитувани,
Го сметам овој самит за позитивен пресврт бидејќи за прв пат и Црна Гора и Босна и Херцеговина и цела меѓународна заедница, сите ние сме на едно место, со заедничко разбирање за иднината на Западен Балкан.
Ако се разбираме, нема зошто да не успееме.
Се разбираме, се помагаме и ќе успееме.
Нека стане Западен Балкан – Отворен Балкан.
Ви благодарам.