„Во текот на претстојниот период предвидуваме нов пакет антикризни мерки вреден близу 80 милиони евра и тој во овој момент е предмет на анализа и на подготовки на соодветните Министерства затоа што тие мерки треба да бидат таргетирани и да бидат насочени кон најранливите категории граѓани“, истакна во интервју за Ал Џезеира премиерот Димитар Ковачевски.
„До крајот на летото ќе имаме нов пакет на мерки којшто ќе биде насочен токму кон нив, а во тек се подготовките што ги прави и Регулаторната комисија за енергетика за нов концепт за пресметка на потрошената електрична енергија преку тарифни блокови кој како модел веќе се користи во државите од соседството. Сметаме дека на тој начин најранливите ќе бидат најмногу заштитени, а оние кои најмногу трошат тогаш ќе имаат и поскапи сметки за енергија“, нагласи претседателот на Владата Ковачевски.
Тој дополни дека Владата, Министерството за финансии и Народната банка на Северна Македонија постојано го следат движењето на инфлацијата во земјата и во другите држави и дека се преземаат сите мерки овие движења дома да останат во по сигурната зона.
„Инфлаторните притисоци доаѓаат пред сѐ во делот на енергенсите храната и на суровините, и затоа ние навремено реагиравме уште на почетокот на март со пакетот мерки којшто беше оценет како најдобар во регионот. Околу 400 милиони евра, односно близу 615 милиони евра заедно со мерките за субвенционирање на електрична енергија за граѓаните беше вредноста на овој пакет наменет за заштита на стандардот на граѓаните и за ликвидноста на стопанството и тој ги даде очекуваните резултати“, рече премиерот Ковачевски во интервјуто за ТВ Ал Џезеира.