Попоски за МСНБЦ: Македонија заслужува членство во НАТО
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попопски, во разговор за американската телевизија МСНБЦ, порача дека Македонија треба и заслужува да биде членка на НАТО.
- Македонија е петти најголем поддржувач на мисијата во Авганистан, согласно бројот на жители, и ние покажавме дека имаме капацитет да дејствуваме и да придонесеме кон оваа мисија. Македонија дефинитивно е земја која треба да биде членка на НАТО и го заслужува тоа, изјави Попоски.
Репортерката на МСНБЦ Кристен Велкер вели дека Република Македонија добила поддршка од истакнати сенатори и конгресмени за своето барање за членство во НАТО, посочувајќи го тука предлог-законот на сенаторот Ричард Лугар со кој се бара од Белата куќа да обезбеди покана за Македонија за членство во НАТО. Репортерката Велкер додава дека покрај повиците од американскиот Конгрес, и во Белата куќа го поддржуваат македонското членство во НАТО, но дека од Македонија посакуваат да видат посилна поддршка.
Со повик до извршната власт во Соединетите Американски Држави да ги почитува повиците на конгресмените се огласи и Обединетата македонска дијаспора. ОМД реагира по коментарите на заменик помошникот државен секретар во американскиот Стејт департмент Тина Кајданов, која изјави дека во Чикаго нема да се донесе одлука за проширување на НАТО туку само ќе се упати позитивна порака во таа насока. ОМД наведува повеќе изјави во поддршка на македонското членство, од конгресмените Џин Шмит и Тед Пое како и од Луке Кофеи од аналитичкиот центар Херитиџ, кои пред заменик помошникот државен секретар Кајданов побарале Македонија да добие покана за членство во НАТО на самитот во Чикаго.