Груби – Која: Предлогот го отвора процесот за интеграција во ЕУ

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, г-дин Артан Груби денеска оствари средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која.

Предизвиците на интегративниот процес на Република Северна Македонија, содржината на предлогот на француското претседателство за решавање на спорот со Бугарија и протестите против овој предлог беа главните теми на средбата.

Груби истакна дека е исклучително важно да се деблокира интегративниот пат на земјата преку прифаќање на предлогот поддржан од 27-те земји на Европската Унија , а кој не влијае врз идентитетот, културните, јазичните и историските обележја на македонскиот народ.

Двајцата соговорници истакнаа дека во овие клучни моменти за европската иднина на државата треба да се постапи рационално, да се искористи историската можност за решавање на последниот спор што ја кочи земјава од европската перспектива.

Груби го информираше амбасадорот, Која за транспарентниот процес на консултации за францускиот предлог и заедно констатираа потреба од оперативна компактност за сеопфатна посветеност на сите политички партии, академскиот свет, граѓанскиот сектор и сите граѓани за надминување на последниот предизвик на земјата. Време е рационалноста да триумфира над субјективниот протагонизам за ниски политички поени.

Во фокусот на разговорот на Груби и Која беа и реакциите предизвикани од објавувањето на содржината на предлогот. Груби го осуди насилството употребено во организираните протести, опишувајќи ги како непотребни и штетни обиди за манипулација, создавање конфузија и дестабилизација на земјата.

Според него, граѓаните не треба да станат плен на провокациите на одредени агенции за дезориентација, бидејќи загарантираната безбедност и напредок на државата имаат поддршка од целиот западен свет.