Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска имаше онлајн состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија, Еди Рама посветен на интензивирање на соработката за заедничко надминување на потешкотиите околу снабдувањето со храна и енергија, како и за заедничко справување со можни пожари во трите земји летово.
Лидерите договорија создавање мешани меѓуресорски работни групи по кризните теми и со цел создавање заедничка агенција за привлекување странски инвестиции на Отворен Балкан.
На состанокот, присуствуваа и вицепремиерите за европски прашања и економски прашања Маричиќ и Битиќи, националниот координатор за Отворен Балкан, Марјан Забрчанец, директорот на АД „Електрани на Северна Македонија“, Васко Ковачевски и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.
На почетокот на состанокот, премиерот Ковачевски се заблагодари за отворената поддршка која претседателот Вучиќ и премиерот Рама ја изразија во врска со модифицираниот европски предлог, информирајќи дека предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со Европската Унија, претставена од Француското претседателство со ЕУ, Владата ја проследи до Собранието на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието на Република Северна Македонија.
Рама и Вучиќ, одделно ја повторија поддршката кон преземените активности на премиерот Ковачевски, односно отворањето на широки консултации со општествените чинители во државата, посочувајќи дека европската иднина на регионот е единствената добра опција за граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија.
На денешниот состанок, лидерите на иницијативата Отворен Балкан ја истакнаа важноста на преземените активности за искористување на регионалната поврзаност и овозможување на слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги, што веќе дава економски бенефити за сите граѓани.
На состанокот, лидерите констатираа дека одлично тече подготовката на големиот саем на вино, храна и туризам во Србија, на кој винариите и производителите од трите држави ќе имаат можност да ги презентираат нивните производи на гости од регионот и Европа.