Промовиран практикум за постапување во случаи на семејно насилство
Академијата за судии и јавни обвинители денеска го промовираше „Практикумот за постапување во случаи на семејно насилство“ издаден во рамки на заедничката програма на Обединетите нации за зајакнување на националните капацитети за превенција за семејното насилство, финансиран од Владата на Кралството Холандија и Фондот на ОН за елиминација на насилството врз жените.
Практикумот е основна алатка при постапувањето во случај на семејно насилство, а во него се опишани надлежностите на сите клучни институции во однос на оваа проблематика. Се очекува да им помогне на стручните лица кои работат со семејно насилство за запознавање со надлежностите на сите институции кои постапуваат во овој дел.
Академијата, како што рече директорката Анета Арнаудовска, успешно ја реализираше тренинг-програмата за превенција од семејното насилство која била првенствено за потребите на полицијата, а практикумот е изработен во текот на обуките.
Станува збор за осум еднодневни работилници, секоја за различно подрачје на СВР, каде учествувале 160 учесници од кои 115 полициски службеници, судии, обвинители, соработници и 15 претставници од центрите за социјални работи.
- Продолжуваме со концептот на организација на обуките од кои произлегоа повеќе заклучоци, а беа оценети со високи оценки од страна на учесниците, нагласи Арнаудовска.
На промоцијата на практикумот присуствуваа и министрите за внатрешни работи и за труд и социјана политика Гордана Јанкулоска и Спиро Ристовски.
- Основен предуслов за изградба на здраво општество е здравото семејство. Оттука почнува единката да се гради и да ја формира својата личност, да се едуцира и да напредува. Ние како институции сме должни со сите законски расположливи ресурси да ги преземеме потребните мерки најпрвин да превенираме и едуцираме, а потоа ако е потребно да делуваме и репресивно во справување со сите форми на семејно насилство, рече Јанкулоска.
Насилството во семејството, потенцираше, може да предизвика трајни последици врз идните генерации, не само како директни учесници, туку и како сведоци на насилството.
Министерката информираше дека лани на подрачјето на целата земја се регистрирани 593 кривични дела извршени при семејно насилство, а пријавени се 600 сторители, регистрирани се 655 прекршоци од овој вид за што против толкав број лица се поднесени прекршочни пријави. Пријавени се 4.609 поплаки по кои постапила полицијата, а според анализите на МВР, во 70 отсто од пријавените случаи се работи за кривично дело „нанесување телесна повреда“.
Јанкулоска смета дека зголемениот број пријавени случаи и побарана помош за околу 23 отсто се должи на охрабреноста на жртвите да го пријават насилството, а не да молчат како порано.
Министерот за труд и социјална политика верува дека практикумот ќе им помогне на надлежните во секојдневното извршување на работните обврски.
- Сакам да ја истакнам посветеноста на МТСП на полето на превенција на семејното насилство, мерките кои ги преземаме за обезбедување помош, заштита и реинтеграција на жртвите. Насилството во семејството претставува основ за дискриминација и кршење на основните човекови права, за што државата презема соодветни мерки за превенција, запирање на насилството во рамки на семејното живеење и намалување на последиците од насилството, рече Ристовски.
Тој истакна дека соодветниот одговор на институциите кон семејното насилство е ефикасен само доколку се презема во моментот на случувањето и токму затоа потребно е механизамот на заштита и помош за жртвите на семејното насилство да делува координирано со меѓусебна соработка, размена на информации и податоци.