Средба Попоски-Перес, разгледана можноста за привлекување израелски инвестиции во Македонија
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска во Ерусалим се сретна со претседателот на Израел и нобеловец Шимон Перес.
На средбата, информираат од македонското МНР, е разгледана досегашната билатерална соработка меѓу двете држави и можностите и перспективите за нејзино натамошно унапредување во сферите од заеднички интерес.
Попоски нагласи дека Македонија има посебен интерес за градење, унапредување и продлабочување на добрите и пријателски односи со Израел.
Од двете страни е искажано задоволство што во континуитет се одржува и унапредува редовната комуникација и контактите меѓу претставниците на Владата на Република Македонија и на Владата на Државата Израел.
Македонскиот министер ги спомена и динамичниот развој и соработката меѓу двете земји во областа на земјоделството, науката и образованието. Посебно се разгледани можностите за унапредување на економската соработка во насока на зголемување на трговската размена, со цел привлекување израелски инвестиции во Република Македонија и промоција на македонски производи во Израел.
Во тој контекст, Попоски го информираше Перес за одржаните средби со израелските стопанственици во рамки на неговиот престој во Израел. Се разговараше и за можностите за заокружување на правната рамка и потпишување нови билатерални договори меѓу двете земји во областа на заштитата на инвестициите и избегнувањето на двојното оданочување, соопштуваат од МНР.
Покрај прашањата од доменот на билатералните односи, на средбата се разменети и мислења за актуелните меѓународни прашања, особено во контекст на случувањата во регионот на Блискиот Исток.