Пуштена во употреба малата хидроелектрана Брбушница во општина Виница
Малата хидроелектрана Брбушница е прво изградената мала хидроцентрала во Република Македонија по пат на концесија. Договорот за консеција за изградба на оваа мала хидроцентрала со концесионерот Мали хидроелектрани ДОО Скопје е потпишан на 27 ноември 2009 година и согласно обврските од договорот рокот за изградба беше три години.
- Брбушница е изградена порано од предвидениот рок што е добар пример за останатите концесионери, но и за идните компании кои се заинтересирани за изградба на мали хидроцентрали во Македонија, истакна Ваљон Сарачини министер за економија на денешното пуштање во употреба на оваа мала хидроелектрична централа во општина Виница.
Исталинираниот капацитет на хидроцентралата е 554 киловат. Очекуваното годишно производство е 2.564 мегават часови. Останатите четири мали хидроцентрали се Кркљанска и Крива Река 2 во општина Крива Паланка, Кранска Река во општина Ресен и Слатино на концесионерот Фероинвест од Велес. Петте мали хидроцентрали кои почнаа со работа имаат инсталиран капацитет од 2,5 мегавати и очекувано годишно производство од 11 илјади мегават часови.
Останатите три мали хидроелектрани Каменичка Река, Брајчинска Река и Селечка Река од овој концесионер се стекнаа со привремен статус на овластен производител и се очекува до крајот на годината и овие мали хидроцентрали да бидат изградени.
Според министерот Сарачини во досегашниот период потпишани се вкупно 68 договори за концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи. Вкупниот инсталиран капацитет ќе изнесува 58 мегавати додека очекуваното годишно производство изнесува 228 гигават часови. Проценетата инвестиција е околу 120 милиони евра.
Доколку се изградат сите 400 хидроцентрали согласно студијата на можни мини и мали хидроцентрали во Македонија инсталираниот капацитет ќе се зголеми за 250 мегавати додека годишното производство на електрична енергија за 1.200 гигават часови.