Одбележан денот на Министерството за надворешни работи

Министерството за надворешни работи имаше значајна улога во целокупниот развој на Македонија како држава. Значителен е придонесот за градењето на современа Македонија и пресуден за нејзиното етаблирање во меѓународните односи како рамноправна земја, рамо до рамо со останатите земји во меѓународните води, истакна денеска шефот на дипломатијата Никола Поповски на одбележувањето на денот на МНР.

- Македонија ги почитува меѓународните принципи и правила, помага кога другите се во неволја и најважно Македонија е модерна и стабилна демократија која секогаш го бира патот на мирот и дијалогот, рече Попоски. Република Македонија, потсети тој, е призната под уставното име од 133 земји, отворени се 56 дипломатско-конзуларни претставништва,  склучени 1015 меѓународни договори, членка е на 103 меѓународни организации и регионални иницијативи, претседаваше со Генералниот секретаријат на ОН, либерализиран е визниот режим, претседаваше со Комитетот на министри на Советот на Европа, ја доби пресудата пред Меѓународниот суд на правдата и го започна дијалогот со ЕУ. Ова, како што меѓу другото истакна Попоски, се дел од активностите и напорите кои Македонија постојано ги вложува за афирмација во меѓународни рамки.

За најдобар млад дипломат на денешната свеченост беше прогласена Јасмина Ристевска.      

Во рамките на одбележувањето на Денот на Министерството за надворешни работи, министерот Попоски и амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав имаа предавање пред слушателите на дипломатската академија. Шефот на дипломатијата зборуваше за ЕУ, како една од стратешките цели на Република Македонија, реформите и бенефитите, додека Орав ги пренесе естонските искуства за влез во Унијата.

- Оваа прилика ја искористивме за размена на некои искуства и размислувања од аспект на тоа што претствуваат клучните предизвици за земја-кандидат на патот кон интеграцијата во ЕУ и голем дел од овие искуства се надевам дека може да бидат оперативно искористени и од идните дипломати кои во овој момент поминуваат низ обука на дипломатската академија, изјави Поповски.  

На 29 април 1969 година беше формирано Бирото за односи со странство, кое во 1991 година прерасна во Сектетаријат, а три години подоцна во Министерство за надворешни работи.