„Имавме исклучително достоинствено чествување на 2 Август во Крушево и на другите места. Нeгативните коментари не одат во прилог на еден ден кога претседателот на државата додели постхумно највисоки државни почести и на Невена Георгиева Дуња. Претседателот Пендаровски ѝ оддаде почест неа и на низа други борци кои се бореле за независна македонска држава која практично ние денес ја живееме“, истакна премиерот Ковачевски за годинешното чествување на Денот на Републиката.
Тој потсети дека нашите предци преку борбата која ја воделе 1903 и 1944 година го оствариле сонот за независна македонска држава, a во 1991 година тоа беше потврдено со формирање на независна држава Република Македонија.
„Таа држава денес е на сите граѓани и наша должност е да ја внесеме во ЕУ, како држава на Македонци кои зборуваат македонски јазик, но и како држава на сите други граѓани кои тука живеат: Албанци, Срби, Бошњаци, Роми и сите други и да обезбедиме подобра и попросперитетна иднина за нашите идни генерации. Јас сум човек кој верува во капацитетот на нашиот народ, ние сме потврдиле низ историјата дека можеме да носиме и тешки и големи одлуки, меѓутоа дека сме и вреден народ. Имавме најбрзо интегрирање во НАТО и сметам дека ќе имаме најбрзо интегрирање и во ЕУ“, подвлече премиерот Ковачевски на интервјуто.