Помовиран новиот веб портал на МОН, www.stipendii.mon.gov.mk

Сите можности за студирање, стипендии, семинари, курсеви и обуки сегашните и идните студенти од денеска можат да ги најдат на веб-страницата www.stipendii.mon.gov.mk.

Тоа, како што истакна министерот за образование и наука Панче Кралев на денешната промоција на веб-порталот, е со цел да се зголеми пристапноста до овој тип на информации за сите студенти.

Кралев потсети дека во тек е конкурсот за стипендирање на сите што ќе се запишат на 100-те најдобри универзитети во светот, кој истекува на 15 мај и оти МОН ги покрива целосно трошоците за школарина, престој и авионски билети. Обврска на стипендираните дипломци и додипломци е да поминат двојно повеќе време во Република Македонија отколку што биле стипендирани за студирање. Исклучок од тоа е ако се вработат во една од 500-те најуспешни компании во светот.

- Наша должност е да овозможиме што повеќе можности за студирање во странство, рече министерот.

Во оваа програма, како што посочи,  досега пристигнале десетина апликанти, а интересот се очекува да се зголеми до крајот на рокот.

- Деновиве пристигнуваат одговорите од универзитетите, а еден од условите да се аплицира е да биде примен на универзитет, истакна Кралев, потсетувајќи дека од Буџетот се издвоени 20 милиони денари, кои се флексибилни и средствата можат да се зголемат во зависност од интересот.

Во последните три академски години преку стипедиите кои ги обезбедува Министерството за образование и наука, како и преку билатералната соработка со повеќе земји меѓу кои Словенија, Индија, Кина, Русија, САД Словачка, Турција, овозможено е студирање на 152 студента на прв или втор циклус на студии во странство.

- Скоро сите апликанти кои ги исполнуваат условите, добиле стипендија и ги охрабрувам сите заинтересирани кандидати да ги следат објавите на новиот веб портал како и на порталот на Министерството за образование и наука, рече Кралев.

Министерот за образование и наука апелира до идните студенти и постдипломци да размислат за студирање, како за можностите во Македонија така и надвор од неа, посочувајќи дека на тој начин ќе се стекнат со поголеми знаења и поширока мрежа на контакти.