Клиниката за урологија доби три нови апарати вредни над два милони евра

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров денеска промовираа  нова опрема, апарат за литотрипсија и ендоскопски инструменти за трансуретрална ресекција на Клиниката за урологија во Скопје.

Набавени се зелен ласер, наменет за лечење на простата, апарат за кршење камења во бубрег и апарат за дијагностицирање односно ехо на бубрези, со кој истовремено може да врши и интервенции во правец на биопсија на простата или разни други интервенции поврзани со бубрезите.

Со новата опрема вредна над два милиони евра, Груевски нагласи дека Клиниката за урологија се вбројува меѓу клиниките со најсовремена опрема во Европа.

- Со овие три апарати набавени се сите потреби кои ги имаше Клиниката кои се поскапи, кои нешто значат и кои не е така лесно да се набават. Тие значително ќе го зголемуваат нивото на оваа Клиника, истакна Груевски посочувајќи дека таа располага со добро обучен кадар, но и оти има мала потреба од негово зајакнување, што е планирано за следните вработувања.

Со тоа, нагласи дека  ќе се заокружи една значајна целина во подобрување на нивото на Клиниката за урологија.

- Ова ќе овозможи многу пациенти во Република Македонија да можат да извршат интервенција, тоа да биде без многу чекање и да не одат во странство или во други клиники надвор од земјата, подвлече премиерот Груевски.

Одговарајќи на новинарски прашања премиерот укажа на значењето на набавката на лабораториите од изминатиот период   и за образовните институции и  за бизнис заедницата. Кога  лабораториите ќе бидат во функција на бизнисот и факултети и универзитети ќе имаат дополнителни приходи, нагласи Груевски и најави дека МОН подготвува тарифник со кој ќе овозможи приватниот сектор да може во целост да ги користи лабораториите.

- Тарифникот ќе биде со разумни цени. Поентата не е да бидат скапи, ќе бидат многу поевтини од оние што ги користеле во странство. Наместо парите да се одлеваат во странство, ќе остануваат во Македонија, рече премиерот.

Посочувајќи пример наведе дека со набавката на лаборатории на Клиниката за фармација се спречува досегашното одлевање од околу два милиони евра  годишно во странство.

Бизнисот ќе плаќа помалку, но, нагласи,  тоа што ќе го плаќа ќе оди на нашите на универзитети и факултети во Македонија кои ќе се употребат за нови набавки и за подобрување на условите како за студентите, така и за професорите.

- Понекогаш мораат да праќаат примероци од своите производи во Германија, Франција, најблиску во Словенија или во Хрватска, а сега тоа нема да мора да го прават. Напротив други од околните земји ќе праќаат примероци на нашите универзитети за да им се извршат проверки затоа што многу од околните земји немаат вакви лаборатории какви што имаме ние, рече премиерот, истакнувајќи дека  огромната набавка на лабораториите  во наредните 20-30 години ќе биде еден стожер не само на науката туку и на бизнисот за остварување на нивните цели по најниски можни цени.