Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со Н.Е. г. Ото Граф, заменик амбасадор и раководител на економскиот оддел во Германската Амбасада, директорката на Државниот инспекторат на трудот (ДИТ), Весна Томовска и претставници од Министерството за труд и социјална политика беа во посета на германската автомобилска компанија, Дрекслмајер во Кавадараци.
Вработувањето на лицата со попреченост со цел нивна поголема социјална инклузија беше во фокусот на денешната посета на оваа компанија.
Министерката Тренчевска информираше дека Министерството за труд и социјална политика работи на нов модел на законско решение за вработување на лица со попреченост, како и на изработка на Национален регистер на лица со попреченост и Центри за рехабилитација и стручно оспособување на овие лица со цел нивно полесно вклучување и адаптирање на отворениот пазар на труд.
„Со новиот модел е предвидена значајна поддршка како на лицата со попреченост така и на работодавачите кои ќе ги вработат овие лица. Со воспоставување на адекватен систем за поддршка на вработувањето, лицата со попреченост треба да станат еднакви членови на општеството и успешно да придонесат за сопствената општа благосостојба. Имено, системот треба да овозможи вработување на лица со попреченост за да можат да стекнат материјална сигурност и поголема независност во донесувањето одлуки. Додека пак оние компании кои веќе имаат вработено лица со попреченост ќе бидат јавно публикувани и ќе се стекнат со признанија како компании кои се општествено одговорни,“ рече Тренчевска.
Министерката посочи дека процесот на подготовка на новиот модел ќе биде целосно транспарентен и инклузивен, односно со вклученост на сите општествен чинители. Притоа, додаде дека, нашата држава ги следи европските пракси за вработување на лицата со попреченост, со цел нивна целосна имплементација, а во насока на обезбедување на еднакви можности за влез на пазарот на труд на сите граѓани во државата.
Претставниците на „Дрекслмајер“ информираа дека нивната компанија веќе неколку години самоиницијативно не очекувајќи дополнителна поддршка вработува лица со попреченост и овозможува нивна соодветна социјална инклузија, како и дека компанијата ефективно спроведува активни мерки за вклучување на лицата со попреченост во работниот процес.
„Во Дрекслмајер се однесуваме согласно правните регулативи и општите принципи за етичко и пристојно однесување. Во нашите тимови е добредојден секој кој ги почитува етичките и социјални норми без никакви предрасуди кои би можеле да бидат основ за секој тип на дискриминација“, посочи Лукас Мирингер, Генерален директор на Дрекслмајер Македонија.
Покрај вклучувањето на лицата со попреченост во производствените процеси и активности, од компанијата информираат дека преку донации и социјални проекти обезбедуваат поддршка и за здруженијата на лица со телесни инвалидитети од регионот.
Оваа компанија успешно го спроведува и моделот на дуално стручно образование во земјата и секоја година овозможува практична настава за учениците од средното образование. Исто така, преку стипендии, ги поддржува најдобрите студенти од техничките факултети.
Министерката изрази благодарност до Германската амбасада, заменик амбасадорот Н.Е. г. Ото Граф и компанијата „Дрекслмајер“ , за поканата и можноста за вработување на лицата со попреченост во компанијата, пример кој треба да го следат и другите со цел поддршка при реинтеграција на лицата со попреченост преку вработување и создавање можности за нивно активно учество во општеството.