Следната недела почнува изградба на нова фабрика, а од крајот на месецот стартува работата во три нови

Изградба на нова фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 на почетокот на следната недела и започнување со работа на три фабрики кон крајот на овој месец или на почетокот на јуни, најави денеска премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Герентолошкиот завод во Скопје.

Новата фабрика што ќе се гради во ТИРЗ1 е инвестиција во износ од 10 милиони евра на мултинационална компанија која веќе има инвестирано во државава, чие име Груевски не го соопшти.

Премиерот информира дека покрај таа нова значајна инвестиција за Македонија кон крајот на мај или почетокот на јуни почнуваат со работа „Кенет електроник“, која веќе почнала да ангажира вработени и да го опремува капацитетот со машини, како и швајцарска фабрика за производство на ветерници, а во тек се подготовки и за старт на фабриката на „Технокозе“ од Италија, која ќе произведува различни видови пумпи.
 
Груевски информира дека има реализација и на други инвестиции за кои ќе информира кога ќе има конкретни работи.