Интервју на премиерот на Ковачевски за “Политика”: “Отворен Балкан” е чекор кон европски квалитет на живот

На саемот во Белград ќе се одржи првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на отворениот Балкан“. Белград ќе биде европска престолнина на виното од 1 до 4 септември. Колку е важна оваа манифестација како уште една врска меѓу земјите од „Отворениот Балкан“?

Иницијативи како Отворен Балкан, кои имаат реални придобивки како овој прв меѓународен саем на храна вино и туризам во Белград е исклучителна можност да воспоставиме нова динамика во нашата  регионална соработка и да обезбедиме економски просперитет и подобро утре на нашите граѓани. Северна Македонија, но и регионот традиционално е поднебје каде има добра храна и вино. Важно е тоа да го покажеме и да работиме на унапредување на севкупните капацитети.

Учеството на Северна Македонија на саемот реално има огромно значење за домашната економија. Компаниите кои изложуваат тука ќе обезбедат поголем извоз, откуп и нови пласмани и пазари за македонските храна и вина. Ќе се обезбеди одлична промоција на туристичките капацитети во Северна Македонија и привлекување нови туристи, пред сѐ од регионот.

Од Северна Македонија ќе учествуваат 42 винарии и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии, а ќе се претстават и повеќе од 10 производители на храна. Нашето Министерство за земјоделство навистина се потруди да им обезбеди одлична промоција, со оглед на фактот дека е очекувано Саемот да има стотици илјади посетители.

Накратко кажано, вакви поврзувања се особено важни за регионот и за економијата на земјите.

Иницијативата „Отворен Балкан“ нуди бројни поволности за просперитетот на земјите-членки (Србија, Северна Македонија и Албанија) и нивните граѓани, кои ќе можат да работат на во која било од трите земји-членки, без виза и без дополнителни работни дозволи. Кои придобивки од „Отворениот Балкан“ би ги истакнале како најважни за граѓаните на овие три земји? Брзата лента за камиони не испадна како што беше предвидено. Кога патувањето во земјите членки на Отворениот Балкан ќе биде ослободено од гранични контроли?

Со сите договори кои досега ги потпишавме, вклучувајќи ги и меморандумите за разбирање секогаш одиме еден чекор напред кон намалување на бирократските бариери за зголемување на протокот на луѓе и капитал. Всушност зборуваме за имплементација на темелните вредности на ЕУ сега, додека трае нашиот процес на преговори со ЕУ. Придобивките од Отворениот Балкан се веќе видливи, а верувам дека ќе биде така и понатаму. Се работи интензивно секако да се надминат административните пречки за сѐ она што ќе нѐ донесе чекор поблиску до зацртаните цели, но мислам дека сме на добар пат сериозно да направиме единствен регион кој ќе им овозможи на своите граѓани побрз просперитет. 

Што се однесува до конкретните придобивки од Отворен Балкан, сметам дека економската димензија од која имаат придобивка и граѓаните и стопанството е практично најважната, особено во дадениов момент. Сите ние поединечно како земји, сме интересни за странските и домашни инвеститори, но заеднички, како регион, инвеститорите ќе имаат далеку поголем интерес за вложувања и за креирање капацитети и нови работни места.

Воедно, Отворен Балкан во регионот е позитивно прифатен од бизнис заедницата, сите компании ќе имаат придобивка од учеството на регионален пазар. Конкуренцијата и квалитетот ќе растат, граѓаните ќе имаат поголеми шанси за личен развој, а компаниите шанси за нови пласмани и соработки.

Дали „Отворен Балкан“ има сила да ги врати  во своите домови членовите на семејствата, па и цели семејства кои работат и живеат во странство, и каков животен стандард можат да очекуваат граѓаните?

Ние мора заеднички да  изградиме силна и конкурентна регионална економија. Одливот на мозоци и постојаното иселување најчесто заради економски причини е навистина тема која е во фокус, но со вакви иницијативи се работи на тоа да им се овозможи на граѓаните, особено на младите луѓе, да си ја градат иднината тука, дома, во регионот. Со Отворен Балкан и сите активности кои произлегуваат од него, ние сме чекор поблиску европски плати, европски квалитет на живот, енергична економија и владеење на правото, сега, тука, дома.

Каква стратегија ќе користи „Отворениот Балкан“ за борба против економската и енергетската криза, како последица на Ковид и руско-украинскиот конфликт?

Ние веќе разговаравме интензивно на минатиот самит на овие теми, а минатиот месец во Тирана имаа состанок и работните групи на нашите Влади. На самитот кој ќе се одржи тука во Белград, ние како Влади но и ресорните министерства ќе имаат интензивни разговори за изнаоѓање конкретни начини за обезбедување доволно храна и енергенси со кои би ја пребродиле најтешката зима од Втората Светска Војна наваму. Ќе се посвети особено внимание на тоа регионот во секое време да има обезбедено храна и енергенси и да се обезбеди непречен проток во снабдувањето со основните прехранбени производи, односно да се реагира брзо и соодветно доколку се појави некое нарушување во синџирите на снабдување. 

Во досега воспоставените механизми и потпишани меморандуми за соработка ние практично се обврзавме да си помогнеме во наредниот период кој очекувано ќе биде сериозно тежок. Но тоа секако не е непозната категорија. Ние си помагавме и во услови на ковид пандемијата. 

Да заклучам, ние интензивно ќе работиме за да нема недостаток на храна и енергенси, но новата геополитичка реалност упатува на внимателност. Ќе имаме зима полна предизвици. Но, како и досега, како добри комшии, ќе си помагаме. 

На патот на евроинтегративните процеси, Северна Македонија наиде на бројни пречки од соседите - Грција и Бугарија. Бугарија зачекори во Битола со фашистички чизми, газејќи го македонскиот идентитет и гордост. Колку е висока цената на компромисите и условите наметнати на Северна Македонија за влез во ЕУ, имајќи предвид дека Европа не се придржува до договорот?

Северна Македонија на 19 јули започна преговори со Европската Унија. Ние сме денес многу поблиску до остварувањето на уште една наша стратешка цел, од кога било досега. И тоа го направивме како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, со јасни идентитетски одлики признаени од нашите пријатели во Европската Унија. Во преговарачката рамка, македонскиот јазик е чист, без додавки, појаснувања и слично, што беше најважното нешто за нас. Идентитетот е заштитен. Седнуваме на истата маса со земјите членки и одвнатре, на иста маса со нив ќе ги браниме понатаму нашите позиции. 

И тоа е огромен успех за нашата земја. Непринципиелни побарувања и дневно политички агенди имало и ќе има. Впрочем на ни една држава не и бил лесен патот кон комплетна европска интеграција. Она што можам да го кажам е дека ние остануваме посветени на нашите позиции, од нив не отстапуваме, но воедно не може да одиме назад постојано затоа што на некој тоа му служи за ситни дневно политички поени. Мораме напред.

Владеењето на правото е важен фактор за пристапување во ЕУ. САД ја поддржуваат борбата против криминалот. И досегашните резултати се поздравени на ова ниво. Како ја оценувате суспензијата на шефот на обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, која е вклучена во откривање криминални активности во извршната, судската и законодавната власт, како и во економскиот сектор (многу се во притвор или затвор)? Дел од професорите на Правниот факултет од Скопје сметаат дека одлуката има политичка заднина и може да предизвика дополнителен скандал во судството за да се заштитат високите функционери од поранешната власт, со што би се уназадила независната власт. Што можете да кажете – коментирате како Премиер?

Како премиер но и универзитетски професор имам многу јасна дистинкција и почитување на уставот. Јас ја предводам извршната власт, судството е независна гранка на власта. Следствено сметам дека конкретно оваа ситуација треба да се решава независно, во нивните редови. Наше е да обезбедиме непречено функционирање на овој дел од власта, а нивно е да обезбедат право и правичност во државата. Во моментов во нивните редови се одвиваат неколку процеси почитувајќи ги институциите на системот и не би сакал да коментирам понатаму, почитувајќи го нивното право сами да ги донесат одлуките со кои ќе се заштитат првенствено интересите на граѓаните.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ - поради односите со Бугарија, кои го условуваат патот на Република Северна Македонија кон ЕУ со барање, меѓу другото, повторно да се менува Уставот на Република Северна Македонија, и поради се посилниот криминал што, како посочуваат, цвета во земјава - трајно бара вонредни парламентарни избори. По резултатите од локалните избори сметаат дека кај народот немате ниту легитимитет. Како го гледате решението на внатрешно ниво?

Пред само една недела имавме повторени локални избори и победивме сегде каде што имаше СДСМ кандидат. Тоа зборува многу за тоа дека граѓаните успеваат да го разобличат евтиниот популизам и непринципиелната борба на наспроти конкретната понуда и сработени проекти кои реално имале некаков бенефит за граѓаните во дадените општини. Неколку работи беа јасни со последните локални избори. Најпрво, граѓаните и во тешки времиња знаат да препознаат кој вистински работи за нив, кои се вистинските политики што носат напредок. Не сакаат блокади, доста им е од опструкции, сакаат едноставно да гледаат напред и да се развиваат. И она што е особено важно е тоа дека демократијата беше зајакната, имавме фер, слободни, достоинствени избори, како што доликува на една земја која претендира да биде дел од европското семејство. Од овие причини, но и поради фактот што граѓаните едноставно не сакаат избори, особено во вакви услови на криза кога на земјата ѝ треба стабилност, изборите ќе се одржат во редовниот термин во 2024. До тогаш ние сериозно ќе работиме да ги ублажиме последиците од кризата исто како што правевме и досега.

Што се однесува до Уставот, ние сме мултиетничка, мултикултурна функционална демократија, ние сме Европа во мало, нашата сила како земја се различностите кои нѐ прават автентични и тоа што сме денес. И на тоа сме особено горди. Отворањето на уставот и внесувањето на повеќе делови од народи кои живеат во Северна Македонија, покрај оние кои веќе се во преамбулата, ќе значи само потврда на нашата определеност да креираме општество во кое сите имаат еднакви можности за развој. Јас сум убеден дека пратениците ќе бидат на висината на својата задача и дека кога ќе дојде времето, ќе донесат државничка одлука. 

Нема повеќе отворени прашања со Србија. Со решавањето на прашањето за автокефалноста на МПЦ од СПЦ, народите на двете земји уште повеќе ги подобрија односите, иако Република Северна Македонија е членка на НАТО, а Србија држи неутрална воена позиција. Што можете да им кажете на луѓето од овие две земји од главниот град Србија?

Вие веќе и самите рековте, нашите две земји немаат отворени прашања. Тоа е резултат на сериозна посветеност на развивање добрососедски односи. Ние сме тука први соседи и нашата задача е да сме добри пријатели и да соработуваме. И да си помагаме секако. 

Иако сме секуларна држава, сепак признавањето на црквата и внесувањето во канонско единство, го затвори и последното отворено прашање и тоа е голем успех и за Северна Македонија и за Србија. 

Сега пред нас се нови патишта, поврзувања, развивање на регионот, сега е вистинско време заедно да ја искористиме шансата и да изградиме подобро утре за нашите деца.