Министерот за економија Крешник Бектеши, министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Република Србија Татјана Матиќ и министерката за животна средина и туризам на Република Албанија Мирела Кумбаро денеска во Белград, Србија, во рамки на Иницијативата Отворен Балкан, потпишаа Заедничка изјава за реализација на проект "Вински патишта на Отворен Балкан" со која ќе работат на зголемување на туристичкѕа понуда во винската индустрија.
На средбата беше договорено да се развие проектот „Вински патишта на Отворен Балкан“, кој ќе ги опфати: винските патишта на Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Србија; Вински оази (посебни винарски визби кои не се наоѓаат на винските патишта); како и развој на туристичка сообраќајна сигнализација и дигитална платформа која ќе содржи податоци за сите точки на интерес вклучувајќи ги и податоците за геолокација.
Проектот „Вински патишта и вински оази“ ќе се развива во согласност со законските регулативи и стандарди на ЕУ.
Во овој проект ќе бидат претставени винарии, винарски визби, здруженија на винари и лозари, тематски музеи, продавници за вино и вински центри.
Бектеши, Матиќ и Кумбаро се договорија да одржуваат континуирана комуникација и размена на информации во врска со спроведувањето на проектот „Отворени балкански летни рути“.