Министерот за правда Никола Тупанчески оствари средба со министерката за правда на Србија,Маја Поповиќ на маргините на самитот ,,Отворен Балкан” кој се одржа во Белград. На средбата присуствуваа и Ливија Павичевиќ, државен секретар во министерство за правда и Дејан Царовиќ од Управа за извршување на кривични санкции на Србија. Министерите се договорија да одржат заедничка конференција на која ќе се разменат искуства и решенија од двете соседски земји во врска со правосудниот систем.
Посебен акцент ќе се стави на дигитализација во судството, начинот на избор на судии и јавни обвинители, изнаоѓање на решенија за подобрување на условите во казнено поправните установи како и извршување на алтернативни мерки.Тупанчески и Поповиќ разговараа и за соработката меѓу двете држави во пресрет на почетокот на преговорите на нашата држава со Европската Унија.
Договорено е во наредниот период да се интензивираат консултациите и размената на искуства со цел да се забрзаат реформите во евроинтегративните процеси.
Тупанчески и Поповиќ потенцираа дека добрососедските односи треба да продолжат да се развиваат и во иднина. Иницијативата за Отворен Балкан на Република Северна Македонија, Албанија и Србија се покажа дека е функционална и европска, а целта е политиката да се развива низ отворени врати со единствен пазар ,без граници и интеграција во ЕУ.