Во рамките на Самитот „Отворен Балкан“ што денеска се одржува во Белград, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и ресорните министерки на Албанија и на Србија, Елва Маргарити и Маја Гојковиќ, потпишаа Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните активности во Западен Балкан.
„Со овој документ придонесуваме кон зацврстување и проширување на соработката и меѓусебното разбирање на полето на кинематографијата и аудиовизуелните активности во регионот. На овој начин се олеснува комуникацијата во сферата на кинематографијата и се поттикнуваат културниот и економскиот развој со одржлива иднина во ресорот и на уметниците и филмските професионалци од Западен Балкан“, вели министерката Костадиновска-Стојчевска.
Трите земји од „Отворен Балкан“, преку оваа иницијатива за окрупнување во областа на кинематографијата и на аудиовизуелните уметности, ја имаат предвид важноста што ја има овој сектор во развојот на креативните индустрии и мобилноста на уметниците и филмските професионалци, како и давањето услуги за потребите на кинематографските (ко)продукции на пазарот на Западен Балкан.
Костадиновска-Стојчевска посочи дека Меморандумот ни овозможува промоција на заедничкото кинематографско наследство и додаде: „Преку овој начин на соработка ќе добиеме размена на најдобрите практики и искуства, со што ќе се овозможи развој на филмската култура во Западен Балкан, зајакнување во областа на продукцијата и на промоцијата на филмот, унапредување на копродукциите, oрганизирање заеднички проекти и настани. Ќе биде формиран заеднички, копродукциски фонд ’Отворен Балкан‘ за филмските професионалци, а ќе се олесни и заедничкото аплицирање за други фондови, ќе се окрупни и засили дистрибуцијата и ќе се добијат голем број други поволности за усовршување на овој значаен сегмент од културата во регионот“.
По завршувањето на Самитот, ќе се одржи македонска вечер како дел од промотивните активности на македонските производи, вината, храната и националните богатства интересни за туристите, чиј домаќин е премиерот Димитар Ковачевски, а ќе присуствуваат претставници на бизнис-заедниците и на владите на Србија, Албанија и на Северна Македонија присутни на Саемот за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.