На 7 септември 2022 година Струмица ќе биде домаќин на регионалниот Фестивал на храна и вино, во рамките на иницијативата Отворен Балкан. По успешната реализација на првиот Меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, кој од 1-4 септември се одржа во Белград, во Струмица продолжува промоцијата на најдобрите вина и највкусната автентична храна од земјава.
Овој фестивал на вино и храна се одржува во соработка со реномираната организација Егзит во чија организација е и веќе најавениот музички хепенинг Get EXITed каде покрај богатата музичка програма, ќе биде понудена и специфична и интересна ено-гастрономска програма.
Фестивалот на храна и вино бесплатно ќе биде отворен за сите посетители и ќе се одржи во Градскиот парк во Струмица, а ќе ги понуди најдобрите регионални и локални винарии, регионални изложувачи на храна како и произведувачи на традиционални органски специјалитети од македонската кујна. Присутни ќе бидат најдобрите готвачи од најпознатите струмички ресторани и учениците од Средното кулинарско училиште кои заедно ќе спремаат локални специјалитети.
Во соработка со музичкиот хепенинг Get EXITed планирана е попладневна програма проследена со концерти кои ќе траат од 18:00 до 04:00 часот.
На фестивалот ќе настапат култниот македонски бенд 21 Век, Дина Јашари, World music составот кој од Струмица го освои светот со едноставен трубачки звук, Џамбо Агушеви Оркестар, како и хип хоп ветераните и едни од најистакнатите имиња на македонската музичка сцена DJ Goce S.A.F и DJ Chvare.
На веќе најавениот музички хепенинг Get EXITed пак, ќе настапат едни од најпознатите имиња на регионалната и светската електронска музичка сцена Deborah De Luca и Mahmut Orhan, Senidah и Kristijan Molnar.
Регионалниот Фестивал на храна и вино во Струмица, кој се реализира во рамките на иницијативата Отворен Балкан, претставува одлична можност за уживање во сортните македонски вина, автентичната македонска храна и светските музички ноти.