Бесими: Безбедносната состојба во надлежност на одбраната постојано се следи
Безбедносната состојба, кога се работи за прашања од надлежноста на одбраната, секојдневно се следи, а АРМ ги извршува своите задачи. Фокусот останува на исполнување на стандардите на НАТО, кои се пред се стандарди за нас, изјави министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска по одбележувањето на Денот на полицијата од страна на Воената полиција (бнВП) во скопската касарна „Илинден“, одговарајќи на новинарско прашање дали е редовна безбедносната состојба во Македонија, по петкратното убиство, по зголемувањето на трупите на КФОР во Косово и во Албанија.
- Во однос на регионот, забрзувањето на динамиката на евроинтеграциите, особено членството во НАТО, е од исклучителна важност за стабилнсота на долг рок за регионот. Зголемувањето на бројот на мисијата на КФОР со дополнителни 700 војници во Косово, е токму тоа да се засили безбедноста се додека траат изборите во Србија, со цел да се одржи стабилноста, појасни Бесими.
Тој посочи дека МО, како институција е во координација со МВР, но тоа што се ингеренции и надлежност на МВР, подвлече, оставам коментарите да бидат од тој ресор.
Во врска со намалувањето за 10 милиони евра на буџетот за одбраната со ребалансот на државниот буџет, Бесими посочи дека и Македонија, како и многу земји членки на НАТО, но и земјите од регионот, во делот на буџетот за одбрана, се соочува со овој предизвик. Токму тоа е, подвлече, концептот на Алијансата „паметна одбрана“ со помалку средства да се обезбедат ефикасно реализирање на поставените цели, во рамки на стандардите и безбедноста во делот на одбраната.
- Сега буџетот во одбраната со корекциите е на ниво на 1,2 проценти од бруто домашнит производ. Планирано е тој да биде над 2,1 проценти до 2020 година, тоа е долгорочниот план. Во однос на сегашната бројка, ние сме некаде во просекот на земјите членки на НАТО и во регионот. Наш интерес останува да се фокусираме на поконсолидиран буџет, посебно во делот на модернизација, а со оглед на можностите на капацитетите на државата ќе се обидеме одбранбениот буџет да биде на соодветно ниво за да не се згрозат поставените цели, изјави Бесими, додавајќи оти овие проценти посебно се промениле во последните години кога земјите се соочвуаат со економската криза.
Во меѓувреме, информира министерот Бесими, се работи на два паралелни проекти, а тоа е дефинирање модел за модернизација на АРМ на среднорочен план до 2020 година, со модели на среднорочно финансирање, но и менаџирање со неперспективната опрема.